Search This Blog

Monday, February 22, 2016

Брезовица (Црн Камен па од карши) турно: Вистинска делиција за топлите зимски денови

Скоро да не сум сретнала некого кој не прокоментирал за невообичаено топлата и малку снежна зима, каква е барем до сега, оваа зима, 2016-та. Во оние кои со восхит и радост гледаат на тоа, ми се чини дека cпаѓаат само водителите на радио станиците, кои без исклучок зборуваат за облачно, студено, дождливо или снежно време како за некоја апокалипса и се чини сакаат цел живот да го минат во пролетно издание, со благ развигор и некои 20-тина Целзиусови, пиејќи кафиња низ градот. Кај другите пак, мои пријатели и познаници кои бегаат од работа за тронка снег, чувствувам доза на меланхолија, ако не и тага за недостигот од снег и малку студ, но тоа е што е... Снег има, навистина, но мора да го побарате. А токму за тоа, турното душа дало.

Ја отворивме сезоната со турно во ноември 2015, кога по ветровити услови се искачивме на Церипашина, но пуштивме прекрасна линија. Кон крајот на декември, кога почна серија дождови извозевме преубави линии од Антените и кон северната страна на Церипашина кон домот Јелак. На веројатно најстудениот ден годинава на 23 јануари, со некои -20 Целзиусови голема турно екипа се бевме збрале и истеравме турно на Казани па на преубавиот Плат надвиснат на Лешничките карпи. На 30 јануари со Александар Зарапчиев и Хекуран Зекири го имав најнеовоземското искуство на искачувањето на Y кулоарот на Лешница со турно одење, спуштање (возење) од седлото на Плат до бачилото на Лешница, качување на кулоарот до Среден Камен, па спуштање со бордови по замрзнат терен па повторно турно. За сето ова, мојот пријател Александар Зарапчиев неуморно пишува блогови додека јас си чекам на готово известување. И така, неколку незаборавни возења и постојани кликања на snow forecast кои ни од далеку не влеваа надеж за некои посериозни снежни врнежи. За вљубениците во турно, опции има безброј се уште, а Брезовица на Косово е вистинска награда со многу изненадувања во овие прилично суви месеци.

Полубезволно, поради информациите кои ги добивме од пријатели од Брезовица за малите снежни врнежи претходната ноќ, на 21.02.2016, во недела се упативме на Брезовица во потрага по скриеното богатство. Тргнавме Мето, јас, Тони Зен и неприкосновено најсилниот и мошне искусниот турнаџија Томица. Мето и Томица го беа истутирале Кораб пред само неколку дена со дечки од Финска и две Хаски кучиња и во полна форма се упатија кон нови можности. 

Недела на Бреза знае да биде хаос. И така и би, но за наша среќа. Ги блокираа сите возила уште на почетокот на угорницата долу после Штрпце и полицијата инсистираше на ставање на ланци. Додека сите се туфкаа, а еден човек кој продаваше мед упорно вртеше околу колите и ги убедуваше сите да не ставаат ланци дека механизацијата за чистење снег само што не дошла, ние ги наместивме ланците и по сосема празен и снежен пат стигнавме до ски центарот. По малку жедни по тоа врткање на жичара и фаќање на добри возења напоредно едно по друго искористивме прилика без гужва и фативме две фантастични возења кон она што го нарекуваат Орлови. На неколку вртења таква пудра прскаше во мојата маска за скијање што морав да запрам да се стабилизра прашината. Неверојатно навистина, но тоа е чудото на северната страна. По второто пуштање, гужвата на жицарата стана голема а нашата жед за турно непресушна.

Тони и јас благо испаничени дека ќе си ја испогребеме турно орпемата тргнавме со обични скии/борд, поради што одевме пеш носејќи ја сета опрема на ранец. Мето и Томица беа похрабри во одлуката и си дојдоа со турно опремата. Тоа што одевме пеш не беше проблематично од ниту еден аспект во однос на самото одење бидејќи сосема малку или воопшто не пропаѓавме. Она што беше сериозен проблем беше неверојатно моќниот ветер. Во комбинација со нас и нашите бордови и скии на ранци, создадовме феномен на платно за едрење и на моменти ветерот потполно не буткаше па дури и подигаше од земја. Веројатно беше 50/60 на саат. Како и да е, одлуката беше таа... одиме ко Црн Камен, се пуштаме од таму низ кулоарите пречиме по една изохипса и одиме кон еден преубав канал кој се гледа од жичарата и надвиснува наспроти реката на она што се нарекува Поток.

Одевме со убаво темпо по страотно сурови услови. Ветерот во буквална смисла косеше се пред себе. Тони и јас изгледавме небаре сме благо зашеметени тетеравејќи се ту ваму ту таму. Глетките сепак беа вознесувачки. Темен се облак беше пресвлекол на небото, мислиш некое НЛО не надлетува, а таму некаде во далечината тенка светла линија на хоризонтот и отворено синило... Малку пред Црн Камен (веројатно поливина час пред со оглед на тоа што завршното качување на Црн Камен станува мошне стрмно) каде што условите станаа извонредно тешки застанавме да ја средиме опремата. Не можам ни да замислам како Мето и Томица ги пакуваа крзната за турно на тој ветер, но имаме снимка. Низ страотен ветер кој дури не туркаше во спротивен правец се пробивме до еден извонредно стрмен кулоар кој во влезот беше фантастичен но во втората половина стана замрзнат. Во еден миг нерационална промисла, застанав да помислам како да се пуштам низ делот со мразот, а згора на тоа имав и некоја неверојатно непромислена идеја дека ќе фатам добар кадар од Томица кој скијаше над мене. Во мигот кога ми светна дека тука воопшто не е место за стоење и дека под итно морам да продолжам ме фати нешто што можеби влегува во категорија лавини или големи парчиња снег, но ме повлече моќно и потполно ми ја одзема моќта да маневрирам. Траеше неколку секунди и беше страотна лекција за тоа дека снегот е „тигар во јагнешко руво“. 

По кулоарот следеше најдоброто од „јагнето или тигарот“.... Пудра да се чудиш... Ја поминавме и изохипсата, испешачивме уште малце и стигнавме до вториот кулоар/канал од соништата. Каналот беше одличен, но кон крајот снегот натежна. Се спуштивме скоро до крај до асфалтот со скии, или со други зборови, поради помалку снег во долните делови, камења и преоѓања преку река изодевме пеш не повеќе од 10тина минути.

Неверојатно убав и моќен ден...Вистински благослов... Голема делиција за овие топли зимски денови...

Следат фотогарафии:


Супер линии кон Орлови кои ги фативме од „жица“






Мето ин екшн... 



Spraying powder for real...






Турно/пеш по моќни ветришта



НЛО над Шара...



Иди па намести крзна да те видам...


Томица и Тони гледаат кон првиот кулоар и можноста/неможноста за скијање


Тесен ли е кулоарот, Мето???? Прашав јас...


И сега каде?...





„Парчето“ кое ме свлече низ дел од кулоарот...


Благослов и радости потоа...



Ууппсс, пак стана трики...






Томица низ пудрица..



Gimme Five...



Повторно нагоре кон вториот канал/кулоар од карши



Мето и Тони по работ...


„Еве кај ќе пуштиме“ вели Томица...



... и тргнува...


Е таму низ тој кулоар возевме...


...или од прилика вака... (сликата е превземена од интернет од снежни времиња со цел што попрецизно да ја исцртам турата). 

No comments:

Post a Comment