Search This Blog

Thursday, June 16, 2016

Нови перспективи од легендарни качувачи (за Димева и останатите убавини)

Изминатиот период почнувајќи од април бев на неколку прекрасни искачувања на волшебната Матка и преубавата Демир Капија. Она што беше интересно е што на 2 април се уште скијав (бордав) и впрочем дента се качив на Шапка, рано утрината. Луѓето од жичарата помалку ми се смееа, гледајќи ме така сама полна ентузијазам, во релативно тмурно време но со добра видливост. Ја уклучија жичарата за едно возење за мене во тотална самотија до Церипашина од каде пеш се упатив кон Син Врв. Некаде помеѓу Син Врв и Антени си ја најдов линијата и низ еден прекрасен кулоар се спуштив назад до Шарски води, а потоа до Шапка.

Веќе утредента на 3 април со Александар Зарапчиев и Хекуран Зекири возев кон Матка со алпинистичка опрема. Денот беше преубав. Со Хекуран качивме две насоки - Отмар Лева која тој првпат ја водеше цела и тоа го направи одлично, а потоа бевме и на 4 Клина - за Хеки ептен сефте. Наредните денови качував со Методи Чилиманов, Тања Пенева, Елена Диновска и Александар Зарапчиев. Бевме неколку пати на елегантната, здивоодземачка и секогаш толку интензивно дијалошка насока Новогодишен каде сте во најдлабока конверзација со карпата. Качувавме на Нина, Отмар, со Тања бевме на Козина, со Александар направивме повторување на нашата првенствена насока од минатата година на Демир Капија Тријатели, бевме во тројка со Александар и Елена на прекрасната мистична и подзаборавена Пи, а со Мето и на извонредно деликатната и преубава насока Гавран исто така на Демир Капија. 

На 26ти мај се слушнав со Зарапчиев и го прашав дали е расположен за качување наредниот ден. Тој беше на одмор периодот и во некој потполно авантуристички модус (што за него не само што не е реткост, туку е повеќе негова дефиниција). Но овој пат, навистина беше решен да качува на насоки кои ретко кој ги качува. Па така, во претходната недела со Хекуран беа на К1 (мое единствено искуство на таа интензивно off width заглавувачка насока е од пред повеќе години со Зоран Мајсторски), а потоа качуваа и на К3 (подетален опис има во неговиот блог http://aleksandarzarapchiev.blogspot.mk/). Сите овие К насоки кои ги има 4 се многу ретко качувани и се дел од она што повеќето го нарекуваат Иглите - импресивна композиција од доминанти, вертикални, шпицести карпи поставена наспроти патот во делот во близина на рестораните Мечкина дупка и другите во таа линија. И така кога се договоривме дека ке качуваме на 27ми мај, петок, тој само ми испрати краток опис од alpinizam.org за Димева насока со порака, „што велиш за ова? Не сум ја качувал.“ Димева се наоѓа многу блиску до К1 и К3 но е малку пред нив, имено малку полево од нив. Утрото беше топло но тие карпи се уште беа во сенка. Стигнувањето до Димева беше приказна за себе, низ прашума од грмушки, гранки, трња и сипар, но ништо во однос на спуштањето. Како и да е, накусо Димева е ремек дело - како во линијата така и во приказната.


Она што ја прави голема во приказната е што е  почната од легендарниот Димитар Илиевски - Мурато, заедно со Ѓорѓи Костовски - Ѓока и Благојче Лазаров - Бале во 1988 година, а е довршена на 18-ти Октомври 2003 година и во чест и спомен на Мурато е наречена Димева насока. Во описот на alpinizam.org вели дека први качувачи се „Диме, Ѓока и Бале - долниот дел т.е. 2/3 од насоката, а Дарко Спировски, Слободан Трпевски - Екстреме и Јован Попоски - излезниот дел со клучното место - пречка во вертикала. Оцена на насоката: IV во долниот дел (50 метри) и VI(VI+) во клучните 40 метри.“

А сега за линијата. Еве ги накусо моите импресии. Првата должина е страшна заради тоа што е некачувана па нормално и старотно ронлива, со големи премини преку тревнасто земјени површини, блокови и лушпи. Кога стигнав до првото сидриште кај едно дрво го прашав Александар дали е нормален, но тоа често го правам кога качувам со него и најчесто не добивам некој јасен одговор. Како и во описот првата должина се движи по ребро, но од клинови, колку што се сеќавам имаше само 4. Втората дожина траеше 60 исцрпни и апсолутни метри (со други зборови скоро две должини ако се земе предвид дека голем број должини на Матка се околу 40 метри). Линијата оди низ маркантна вертикала која ви го забрзува пулсот со секој метар и ве држи во апсолутна напнатост и концентрација. Неверојатни потполно вертикални движења низ пукнатини со мали стојалишта па во расчекор. И така континуирано во распон на оценка VI/VI+. Во описот знаевме за клучната пречка во лево која минува покрај маркантни превиси
 
и така и би - беше тоа клучна пречка во лево. (интересен податок: Читав за првенствената насока на Мајсторски и Андоновски Довеерба качена на 25.3.2011 која проаѓа крај/низ превисите, но некако сите линкови за подетален опис на таа линија не ми се отвораат но ќе се обидам да добијам повеќе инфо од самите качувачи).

Извонредно интензивна должина со фаќалишта како штипки поради што удира на мускули и бара извонредна силова издржливост. Јас на пречката и давам VII (-) без да трепнам. Она што го прави овој дел уште поинтензивен е што оваа клучна пречка ви се случува некаде во 30/40-от метар од должината до која за да дојдете веќе сте минале низ многу јак терен. После пречката карпата се отвора со една пукнатина која може со убави движења да се качи, за да на крај неколкуте последни движења малце олеснат и излезете на шпицот на кој едвај има место за двајца, а глетките се скоро па солзи да ви надојдат на очи. Пасишта распослани, куќите на Матка кои од таа перспектива може само птица или дрон да ги види, езерото Треска и Шара со Љуботен во болскот. Од таму, полека надоле од другата страна на карпата и почнува патешествието за спуст. Спуштањето беше на раб на агонија но преплавени од убавите емоции се се чинеше лесно. Висите на гранки, лежите во прашина под тунели од грмушки и трња низ дол кој се прашувате каде води и дали некаде води, за да на крајот излезете на тесна планинарска патека крај реката. Следеше прегратка и восклик во недостаток од зборови.

Накусо за техничките детали околу насоката - како и во описот на alpinizam.org сите клинови се оставени ги има доста и се доста солидни, но треба да се проверуваат и нема да боли глава од уште по некој клин, особено во првата должина. Ние носевме 10 комплети, сет чокови и сет френдови од половинка до 4ка, и веројатно 8-9 гуртни од кои 6 целосно комплетирани со по два карабинера. Френдовите колку што се сеќавам, не ги искористивме. Во тешкиот детал на Александар му снема опрема, така што препорака моја лична е дека од 14-15 комплети нема да боли глава во оваа 60 метарска должина. 


Уште малце технички детали: Александар Зарапчиев може да го понесете со вас да ви биде чок, клин, гуртна, и дефинитивно во секој момент френд како во смисла на неверојатна солидност со која тој се вклопува во карпата така и како френд (пријател) кој ќе ви дава ментална и физичка потпора во секој миг и ќе направи да се чувстувате исполнето и сигурно. :) Немам зборови за прецизноста, смиреноста стабилноста и начинот на кој ја водеше слободно оваа насока (како и сите други) некачувана со години и со сериозен проблем во најтешкиот дел кога му снема опрема и кога скоро без и да приметам тој си ги искомплетира сите чокови со карабинерите од френдовите, така правејќи комплети. Е сега, мене како втора ми беше малце незгодно вадењето на истите, но имав метафизички момент на контемплација да вадам и да се прашувам со која сила тој сето тоа тука го искомплетира и постави...

Конечено само можам да кажам дека Иглите и сета композиција карпи таму се една неверојатна приказна и импресивна ризница од линии, воздишки, глетки и мистерии. 



Еве по малку слики соодветно на хронологијата на текстот:


Самотни снежни линии на 2 Април 

Со Хеки во Зен на Матка утредента на излез од 4 Клина со зајдисонце

 На бескрајно метафизичкиот Новогодишен со Мето



Секогаш волшебната Нина


Со Тањушка на Новогодишен 



 
Па на излез од импресивната Козина

А потоа на мистериозната Пи со Зарапчиев и Елена


И на Тријатели ...


На секогаш преубавиот Отмар со Мето


И чудесниот Гавран....


На Врвот на Димева со најдобриот Френд и чудесен качувач Александар  


Да, тоа е таа нова перспектива со К иглите од левата страна...


Зази во восхит на Димева



Зази во последните неколку чекори пред Шпицот на Димева