Search This Blog

Friday, January 16, 2015

Во потрага по трага - снежни пред, по-новогодишни и низ-јануарски авантури

Ќе се обидам ова да биде кус текст за нешто многу згуснато и во измесна смисла полно импресии, но ако го разложам на составни делови, се плашам дека ќе се претопам во истите, ќе ме снема во некоја од импресиите, ќе се закачам на скоро полната месечина во доцно-пладневното цртање снежни траги на Брезовица или некаде во скриената пудра на Шара. Не е ни така лошо да се загубам во тие мигови, всушност воопшто не е лошо, но целта сега ми е само да забележам барем дел од авантурите пред да станат само негативи на фотографската хартија на мојата душа. 

Снег слабо има - не е дека нема, далеку од тоа, ама ете, годинава 2015, или сезонава 2014/2015 слабо го има. Барем до сега. А не е дека не паѓаше. На 27ми декември 2014 се случи голема снежна бура ширум цела Македонија. Шара забеле и пребеле, но набрзо потоа, по неколку часа се огласија Шарските ветерни титани и миговно, сиот снег беше натрупан по дупки, кулоари и некаде зад, далеку од видливото и лесно достапното. Како и да е, тргнавме на 29ти на Шапка. Се качивме горе за да видиме дека снегот го нема, барем не е видливо распослан туку повикува вели “најди ме ако сакаш“, но со пријатели од Бугарија, кои беа нетрпеливи за доза пудра се упативме, ах се упативме кон Маврово. Јас сум Шарско дете. На Шапка сум качена на 6 месечна возраст, а по Шара сум шетана од најмали години. Таа е гравитациониот центар на мојот универзум, ама ете бидна така да отидеме да бараме снег на нешто сепак на мојава душа далечно, но искрено убаво - Маврово. 

На 30ти и 31ви Декември 2014 температурите се движеа меѓу -15 и -22, на стазите немаше никој, освен ние 4ица, барајќи го скриеното македонско Хокаидо - синоним за јапонските шуми полни пудра... и ги најдовме... преубава пудра низ малите, густи шумички на Маврово ја омекнаа мојата душа кон овој предел. Уживавме и мрзневме и уживавме. На 31ви декември сме во Скопје, среќни сите кај мене славиме Нова Година, за да веднаш утрото се упатиме на Брезовица, Косово. Стигаме на Брезовица на 1ви јануари 2015 околу 2 часот попладне. По макотрпно паркирање на снежниот паркинг, фаќаме едно возење со жичара со Мето, Кире и Момчи и тргаме со скиите и бордовите нагоре кон Пирибег на 2500 метри.

Се движиме брзо, но јас со меките кондури за борд пролизгувам и губам малце од темпото. Се искачуваме на седлото од кое се гледа Пирибег. Момчи и Кире здогледуваат линија низ кулаорите под Пирибег и се упатуваат нагоре. Кулоарот секавично влегува во сенка - Мето и јас решаваме да ја пуштиме линијата на кулоарот пред Пирибег. Тврд снег, од пола омекнува и радува. Стигнуваме до седлото под кулоарот и ги чекаме Момчи и Кире на кои воопшто не им е лесно во тесниот, веќе замрзнат кулоар. Ги чекаме доле, на минус кој знае колку, веќе се стемнува, стигнуваат до нас и продолжуваме. Околу нас саде пурпур од зајдисонце и обриси од скоро полната месечина... Ми трепери во душава... Не сум на Шапка, но на Шара сум за 1ви Јануари и бордам по пурпур и месечев сјај... Влегуваме со насмевки поголеми од месечината во кафе Фокс за да се опипаме, тука ли сме тие ли сме, оти сме премрзнале. Малце салата, чај со рум, убаво спиење во Хотел Партизан и повторно две тури турно утредента. Мето и јас возиме два кулоара наспроти Пририбег, магливо е и не баш видливо, Момчи и Кире решаваат да ја повторат линијата. Преубави два дена. 

Се враќаме во Скопје, снег никаде, ама на Водно о дааааа, има снег. Одиме турно, на 3 јануари, Мето Чилиманов, Александар Зарапчиев, Игор Талевски и јас, сите со тоа К2 скиите и сплит бордовите нагоре. Прекрасна прошетка, супер темпо но горе веќе не фати зајдисонце, па за надоле морав да позајмам од Игор челна бидејќи слабо се снаоѓав во мракот иако мислам онаа скоро-полна месечина од Брезовица беше уште пополна па видливоста беше неверојатна. Прееееубаво возење надоле искомбинирано со прекрасно турно одење нагоре... Милина. 

И така, после ден два одмор си дојдовме на Шапка, конечно во годината 2015. Стигнуваме дента на 7ми јануари, стануваме рано на 8ми и со Методи Чилиманов решаваме да побараме неколку добри линии. Горе сме на Церипашина, одиме кон Антени го пуштаме еднаш добриот снег под седлото меѓу Церипашина и Антени. Одлични вртења но при пешачењето нагоре на враќање, слушам татнеж и приметувам три расцепни длабоки линии во снегот, креваси отворени и во страв му викам на Мето да ја отвори рачката на ербег ранецот доколку нешто се откине. 

Излегуваме на седлото, ветер корне, студено е многу одиме кон следниот врв после Антени но решаваме да влеземе во кулоарт малку пред, низ магла и студ и одеднаш под нозете преубава пудра и волшебни вртења, надополнети со стрмниот кулоар па со небаре бескрајниот канал кој не вади до патеката на Шарски Води. Пешачење уште половина час до седлото пред Ски лифт Г а под Орлови стени. Но и тука не сме раат, бараме нова линија и ја наоѓаме долу, низ каналот на ски лифт Јелак. Пресреќни, исполниети, одиме во ресторанот на Воено на тро ракија и салата за да утредента истово го повториме со Александар Зарапчиев и Данко. Сурово беше искачувањето до Церипашина, замрзнато, подмрзнато, одев пешки со борд на грб и пропаѓав но ништо полесно не поминаа ни Данко ни Алекс кои одеа турно и цело време се мачеа со пролизгување. Но ах какво частење беше линијата што ја извозевме со двете мали шарпланиничиња, инаку кутренца од мојата најмила шарпланинка Бурка....

И ете така... велат немало снег... го има... само треба малку посветеност во потрагата по трага....

Следат слики од сето ова погоре раскажано...
Бррр на Маврово  

Шумите чудесни 

 Малце пешачење пред влез во Мавровските шуми полни пудра

 Длабоко

Глетки на враќање од Маврово



На Брезовица, студено турно

Поглед кон кулоарот кој го спуштивме


Кулоарот


Кога ја имаше пудрата на Маврово


Брезовица



Среќни накај Водно, тројца мускетари и јас


Тие


Тие


Ние

Ноќна перспктива на Методи


Кога мислеа дека нема снег на Шапка


Мето во скок во кулоарот на Шара



Повратак 




Низ кулоарите на Шара




Замрзнатата плетенка и Алекс



Алекс елегантно во кулоарот



Поглед кон...




Скоро доле...