Search This Blog

Tuesday, November 18, 2014

Угоре по Магмата Нежилова

Требаше да го напишам овој текст одамна, додека се импресиите уште свежи, додека шикаат сликите низ крвотокот и пулсира сета нестварна стварност низ комориве на срцево. Ама ете, бидна така, она мрзливото „денес утре“, или можеби беше недостиг од зборови, немоќ да се искаже виденото, искусеното, доживеаното, преживеаното. Во голема мера, можеби е и тоа што кога ги пишувам текстовите за моите доживувања по карпите и во планините, талкам низ умот и оставам да бликаат реченици од мене, а не јас да седам и да ги создавам наменски, па некако го чекам мигот. 

Во голема мера, заслужен за тоа да ја подигнам одговорноста и да си ги забележувам доживувањата во овој блог е и мојот духовен сопатник, мојата најделикатна алпинистичка наврска со која расневме во алпинизмот, се калевме, се ткаевме, Александар Зарапчеив. Тој секогаш ги запишува своите длабоки искуства и кога ќе ми затрепери неговото писание на мониторот, си велам, а јас, што правам, зошто чекам, додека импресиите ферментираат во мене... Се надевам овие имрепсии кои сега сакам да ги излеам, не се преферментирани за да се обидам макар дел од искуството на Солунска Глава, насока Воскресение, да ги доловам тука.

Со Зоки Мајсторски на Солунска Глава, насока „Абзел Линија“ првпат бев 2011 година, 8ми септември. Во кратки црти, бев вџашена, потполно вознесена, крајно импресионирана, но сотрена. Од кога се вративме, се разболев, дигнав температура и во трескавичен транс ги гледав одново сликите од тоа искуство. Физичкиот напор за мене едноставно беше премногу. Си велев, мислам дека таму повеќе нема да одам. Не од друго, туку дека за да пристапите до таа грамада од карпа, која болскоти пред вас со 800-1000 метри вертикала, треба да поминете седум планини, седум долини, да направите средба со змејот, да му се извините што го вознемирувате и да се надевате на разбирање, за да тој ви отклучи уште една порта после која допрва почнува патешествието. Кажано едноставно, долг пат, па стрмна шума, па речно корито каде почнувате да качувате со нозе и раце, па вертикала со лизгави треви. Првиот миг кога ке ја здогледате карпата, додека сте уште во коритото, а муграта се распукува, мислите еве сме, но од таа точка има уште барем час и половина до два до неа. Овој пат со Зоки, во екот на септемвриските дождови решивме да направиме саботен обид - мал временски прозорец, но си рековме, доволен да пробаме, брзо, но мудро. 

Тргнавме на 19ти септември, петок. Го собрав Зоки од автобуската во Велес околу 4 часот, и се упативме кон Нежилово. Влажен коловоз, кал, тешко маневрирање со колата, но стасавме накај 6 часот навечер, распределивме опрема во полумрак и нагоре низ калта кон планинарскиот дом Чеплес. Брзи бевме, Зоки напред без челна, како ли гледа тој човек? За таквите со неверојатна ориентација велам, имаат вграден GPS систем. Сигнавме до домот за час и половина. Набрзо потоа, чуден жагор од познати гласови, Никола Андоновски, Александра Герасимова и Александар Кирковски и Бојан. И тие за на Солунска, но со идеја да одат на Централен Солунски Кулоар. 

Малку муабет, реминисценции кој каде бил летово, како тие качувале на Северна Триглавска, каде бил Зоки, како ни беше на Мето, Иле и мене на митскиот Стефани, Комичи-Ешер насока... И тоа е тоа, нема опуштање, студена ноќ, легнување во 10 за да наутро во 3.30 на 20ти септември, тргнеме. Станавме, јас прва во ноќта талкав низ домот, мешав кафенце, во се уште топлата кујна чии ѕидовии зрачеа топлина од баботењето на печката са ноќ, за да набрзо потоа, околу 4 утрото се упатиме со месечината и нашите мали челни месечини кон Нежиловите карпи. Пристапот по изворите на Бабуна е во најмала рака, радикален. Совршено интензивен, тежок, со парчиња кои врват низ клисурата на реката, двојки и тројки за качување со тешки ранци, натежнати капаци на очите, бидејќи сепак, мугра е, вертикални треви кои ги кубете за да се задржите да не се слизнете. И тоа трае, трае најмалку 3.30 часа. Последните половина час, качувавме соло, 3-4 должини по она што веќе се смета за дел од Воскресение и ЦСК и се движи во распон на оценка 3, 3+. Тие должини се капеа во пурпур и мешавина од емоции. Нестварноста од глетките помешана со бескрајно истоштеното тело, помалку збунетост, каде сум, зошто ова си го правам, но над се, маѓепсаност која никогаш и никаде нема да можам да ја доловам. 

Кога пристапувате на Нежилови, небаре гледате магма, излеана од утробата на земјата, горечка, движечка сила која се распрснала уогре, вертикално, како лава која за миг го прекршила пактот со гравитацијата и се извајала кон небото. Бескрај од форми, страотна монументална формација, непрекин од воздишки, храм, универзум. По магмата угоре, до подножјето на насоката Воскресение. 

Конечно таму во 8.15 утрината. Се распославме со опремата, Александра и Бојан една наврска, Кирковски и Никола втора, Зоки и јас трета но одвоена, дека одиме во Воскресение. Воскресение и ЦСК делат три исти јажиња а потоа се разделуваат. Воскресение брои, вкупно 14, ако се земат предвид оние доле соло 4 јажиња. Зоки ме подговти и рече, 6 часа оптимум, но да пробаме да избегаме од дождот. Времето се уште беше стабилно, но испарувањата покажуваа дека на повидок оди обилен дожд. 

Тргнавме први со Зоки, во првата должина која носи потешка оценка од V+, релативно малку клинови, само во клучните делови. Има две движења, море три, благо превисесто, а згора на се, беше осојна таа должина па карпата студена и не чувствував што фаќам. Зоки закова еден клин и една кука, куката ја извадив, клинот на барање на Зоки, за ориентир во насоката за идни наврски, остана. Во клучните движења треба убаво да се наместите, раце на малку отворени фаќалишта, нозе на мали, ситни стојалишта, па кон десно, па кон лево, па пак кон десно и полека во траверса лево. Следи втора должина, сипар, пред третата, каминеста должина повторно V+. Зоки се пикна подлабоко во каминот и стави френд таму, а јас некако од надвор го поминав, брзо и возбудено. Зоки дури се изненади и ме пофали со каква леснотија и брзина сум го поминала. Третата должина оди низ кратка плоча, па во десен траверс и повторно горе на сидриште, оценка околу VI-. Ја поминавме супер и стасавме до полицата каде малку јадевме, јас вџашено гледав и постепено се губевме од останатите наврски.

Следните две должини, во паралелна наврска ги минавме, но никако не беше лесно. Експонирани делови, специфични движења, ронливи моменти кои почнаа серизно да ме плашат. И така, нагоре полека, низ 5, 6, 7, 8, 9, должина... Во предпоследната должина имаше силни одрони, а во последната должина пред Зоки да стапне на тревата на самиот излез од насоката се случи голм одрон кој многу ме исплаши, но тој интимен миг го оставам за себе, бидејќи е страотно, моќно, интензивно доживување. Ги одковав клиновите од сидриштето кои Зоки ги беше поставил, ама куката никако не можев да ја извадам, бидејќи под неа имаше тревеста полица и немав од каде да замавнам, со оглед на тоа што куките само од доле кон горе може да ги исковате. Се уште со гради стегнати и по малку без здив од одронот, удирав со кладивото во куката, но залудно. Облаците се собираа, прснаа неколку мали капки дожд и Зоки ми викна, да тргнам. Куката е верувам таму и се надевам со причина.  

На излезот бевме во 13.30. Се на се, во насоката бевме помалку од 5 часа, Зоки вели 4.50, одлично темпо кое ни даде доволно време да се спакуваме и тргнеме кон домот, пред да заврне. Исцрпувачко беше враќањето кон домот. Траеше 3 часа. Ги мислевме другите кои за среќа, силниот дожд ги фатил на сам излез од насоката. Дојдоа два часа подоцна во домот. Имав 15 минути мир во собата, се спакував и тргнавме назад со Зоки, по дожд, низ кал, но со срце полно трепет, слики, обмисли, размисли, благодарност бескрајна... Стасавме во мрак до колата, јас сета во кал, соблеков патики и возев до Скопје со пењачици, не знам ни како, ни вистина дали беше. 

Вертикалната Магма ја сонував уште неколку последователни дена. 

Технички детали. Качувавме со биколори - две јажиња од по 60 м, насоката имаше многу малку клинови, веројатно поради комбинација од фактот што целата насока е далеку од преклинчена (ставани се точки на клучните места), и сигурно од самата работа на карпата поради која состојбите со оклинченост заедно со конфигурацијата постојано се менуваат.

Во првите три должини (ги бројам 3 иако се реално 4 што може да се види од подолу прикачената мапа, ако се смета и втората должина низ сипар која нема обезбедување, е некоја лесна 2ка и ве води до каминот) има скоро сосема доволно обезбедување (по некои мои импресии, особено добри точки имаше во каминот и во должината над каминот која поаѓа низ една плоча па скршнува благо во десно низ еден раскршен пејсаж). Во останатите должини има мал број на клинови, а она нешто што се наоѓаше, беше претежно од Бобан Стојанов (Боби Штип), обоени лилаково. Сидриштата (со исклучок на првите три од потешките должини) беа правени од Зоки, со клинови (препорачувам барем 5, а можеби и повеќе клинови за секого кој сака да влезе во насоката и да постави повеќе точки на обезбедување и да има посолидни сидришта), некое чокоче, френдче и куки.

Карпата генерално не прима многу чокови и френдови, така да носење на цели сетови нема да биде од многу полза, но по некоја мала димензија на френд (половинка или 1, или некое мало чокче, можат да ве изненадат колку добро можат да се најдат во некои клучни детали за малку повеќе самодоверба и безбедност) Останаа неколку клина и една кука во претпоследното сидриште пред последната должина (или гледано поинаку, последното сидриште пред излезната должина од насоката, кога доаѓате на тревата). Користевме повеќе клинови (морам да го прашам Зоки колку носеше (но безмалку беа 5-6), нешто отковував, а нешто минимално остана, неколку (4-5) гуртни, мал френд кој се најде на повеќе места, мислам половинче. 

Следат фотографии:
Магмата во Мугри



Една од многуте должини на Воскресение


Човекот кој можеби сето ова го сонува



Постепено угоре, пред дождот...


Совршени лакови...


Зоки подготвен за поаѓање


Зоки во третата должина, длабоко во каминот



Миг... 


На излезот, на Врвот скоро 2545м



Дожд удолу, вознес од внатре... 




Во мокрите папради... 



Мигот на излезот од насоката, таа гранична линија од магмата во тревата... 



Со Зоки, прекраснотии... 


Топографија на насоката превземена од plocaclimbing.com