Search This Blog

Monday, September 16, 2013

Кон Југот од Срцето (Импресии од летните авантури низ Јужна Италија)

Кон Југот од Срцето

        

           Сѐ започна една тивка, топла, јулска вечер на мојата мала тераса во Ново Лисиче во Скопје, кога со Методи Чилиманов и Тања Пенева почнавме да размислуваме во кој правец да се упатиме и каква авантура да исткаеме во текот на летото. Тања веќе имаше дел од планот, сама со нејзиниот Спаркли, како што таа милува да си го нарекува својот пријател на две тркала – велосипедот – да ја вози јадранската магистрала. Остануваше уште да смислиме како и каде да се најдеме од кога Тања ке ја заврши патеката на модрото синило.

          Имавме неколку опции на ум, премислувања и обмислувања, сѐ до мигот кога ја спомнав Јужна Италија. Веќе неколку дена порано ги разгледував качувачките локалитети и планините во тој регион и ме плени тоа што секаде се спомнуваше дека е туристички, а особено качувачки, не-експлоатиран дел од Италија. Почувствувме сите некоја чудна раздраганост во воздухот и почнавме да ги замислуваме сите можни авантури низ Јужна Италија. Тања подзастана за миг и со восхит рече – Везув! Мораме да го возиме древниот вулкан Везув! И тоа беше тоа! Јужна Италија беше нашиот проект за летото. Веднаш го нарачав извонредниот качувачки водич за регионот кој се вика A Sud (Југот) од Graziano Montel. Водичот ги покрива регионите Пуља, Базиликата и Калабриа. Планот беше зборното место да ни биде Бари, со тоа што Мето и јас требаше да стигнеме до Бриндизи со траект преку Драч па потоа да одиме со кола до Бари, а Тања со нејзиниот Спаркли да стаса до Бари со траект од Дубровник. 

         На 23.07.2013 (вторник) тргнавме Мето, јас, зелениот Daewoo Lanos натоварен со држачот за точаци за петта врата на нашиот драг пријател Ичи и нашите велосипеди – Меридата на Мето и мојата Корина. Утредента се упативме кон Драч и пристигнавме околу 4.15 попладне. Нашиот траект поаѓаше во 11 ноќта. Ги симнавме точаците од Ланосот, паркиравме во крајно сомнителен дел од градот и тргнавме кон песочната плажа на Драч, преполнета со луѓе, лежалки, чадори за сонце и бескрајното плитко. Во морето на Драч можете да одите 10 минути и да се чувствувате како да сте сѐ уште на истото место, бидејќи водата ви е сето тоа време до глуждови. Конечно се качивме на траектот. Ги распославме нашите подметачи за спиење во ресторанот, а континуираното нишање на траектот од брановите на Јадранот, брзо ме совлада и веќе талкав низ соништата.

          На 25.07 во раните утрински часови, околу 6.15, опкружени со пурпурна светлина која го параше небото и водена модрина по која се движевме, го здогледавме пристаништето на Бриндизи. Од Бриндизи до Бари ни требаше околу еден час возење, така што пристигнавме во 7.30 пред пристаништето во Бари од каде се појави Тања, со нејзиниот Спаркли натоварен со бисаги. Бисагите ги извадивме и се впуштивме во велосипедско тркалање низ Бари, низ преубавиот стар дел од градот, а потоа по долгата плажа наречена Pane e Pomodoro, односно Леб и Патлиџан. По получасовното местење на точаците на држачот и долго-часовно кружење низ Барскиот спортски дуќан Decathlon, конечно се упативме кон нашата прва качувачка дестинација, градчето Стате (Statte).

Маката со местење 3 точаци – но за неколку дена станавме неверојатно брзи и вешти
Класична сцена од Бари – Старо фиќо, плава дама и ист таков пес... Сето тоа зачинето со сончан кров


          Стате се наоѓа на 70-ина км од Бари, јужно  кон градот Таранто и заливот на Таранто. На мапа не постоеше, а во водичот беше опишано како мало градче со основни намирници. Водичот и скицата во него јасно упатуваа кон тоа дека правецот на движење треба да ни бидат градските гробишта од каде наводно, требаше да се види огормната Гравена, односно засекот/кањонот/пукнатината во земјата. Стате сега за сега има 7 качувачки сектори, а постојано се прават нови. Опишувањето на секој детаљ од нашето патесештвие веројатно би вродил со книга, па ќе се обидам „секавично“ да ги разлистам нашите доживувања таму.

          Стигнавме до гробиштата и збунето гледавме наоколу, не гледајќи ниту пукнатина, ниту било каков знак дека тука можеби има нешто за качување. Се појави еден човек, кој отвори една големата железна порта низ која се влегуваше на некоја ливада, направивме неколку чекори и стигнавме до крајот... до крајот на тлото од каде почнуваше здивоодзимачката Гравена – гигантскиот кањон кој се протегаше во бескрај. После неколку-минутно воздивнување го најдовме единственото мало, но гордо дрвце под кое го отворивме шаторот. Остануваше уште да ја лоцираме водата и продавницата. Во наредните денови го лоциравме големиот супер-маркет, прекрасниот бар My Moon, кој наскоро на смеа го одомаќинивме и преименувавме во „Мајмун“ и најдовме две градски чешми кои нѐ радуваа повеќе од сѐ на светот. Тие беа нашиот извор на питка вода, нашата туш кабина, нашето освежување, нашата бесконечна радост. 

Бесконечната Гравена во Стате

          Луѓето кои ги запознавме, местата кои ги видовме, насоките кои ги качивме, сето тоа е од другата страна на моќта на зборовите. Накусо, во Стате останавме 3 дена и качивме 14 насоки со просечна тежина од 5c, 6a, 6a+, 6b. За мојот роденден, 28.07.2013, Тања и Мето ме изненадија со торта од шумско овошје, а Тања ме частеше местење на комплети на насоката Mater Tenebrarum 6b. Секторите во Стате имаат многу интересни имиња. Најблискиот беше Митот, каде насоките имаат митски и археолошки називи поради древните цивлизации кои живееле во карпите. Една од омилените насоки ни беше Neolitic Boulevard – 6a. Карпата е компактен варовник, извонредно опремена, со одлични сидришта. Секторите се на разни страни од светот, па така кога еден сектор е во сенка друг е на сонце и обратно, но има и сектори, како Master of Rock кој е континуирано во сенка и е совршен за во лето. Останатите сектори се совршени и за в зима, кога можете да качувате во кратки ракави, слично на локалитетот Маткино Трло.

Јас на 6a+ Uccello D’Aqua во секторот Hokutonoken

Тања na 6b – Mater Tenebrarum, сектор Il Mito

Мето на 6b Mater Tenebrarum

          Од Стате тргнавме кон југ, кон познатата штикла на чизмата на Италија и стигнавме до Пулсано. Легнавме истоштени во шаторот, на првата плажа што ја здогледавме за да во наредните два дена се нурнеме во најубавиот морски тиркиз кој некогаш сум го здогледала. На 29-30 возевме по брегот на Јонското море од Pulsano do Punto Proscuto и назад. Се бањавме во тиркиз, бевме на прекрасната Јамајка плажа, спиевме на плажа, газевме по вулкански камења и бел, карибски песок, јадевме сочно, опивно овошје, портокалови дињи и безобразно вкусни праски.

Едно наше утро
     
На плажата Јамајка

           На 31ви ноќта, од тиркизниот бескрај се упативме кон Базиликата, планинскиот дел од Јужна Италија, помеѓу штиклата и Наполи. Одевме со цел да го најдеме качувалиштето и националниот парк Боско Фавино. Преморени од сите импресии и нурнати во некоја длабока шума и потполно нова сценографија, застанавме на првата ливада и легнавме да спиеме.

Нашето преноќиште


           И одненадеж, во мугрите на 31.07. погледот кон карпата и планината Монте Алпи, кон која се стремевме за да ја искачиме 350 метарската насока Via Della Continuita –Патеката која продолжуа/патеката на континуираност. Овој ден го поминавме во националниот парк Боско Фавино, кој нѐ плени со шумата, изворчињата, јагодите и бесконечниот мир. Во локалитетот качувавме потполно сами. Карпата е сосема малку експлоатирана и допрва се чекаат качувачи кои ќе ги откриваат и качуваат неколкуте големи плафони, но она што во мигот се нудеше беше прекрасно. Компактен варовник, вертикали и превиси кои ве тераат со физичка издржливост да влезете во насоките.
<!--[if !vml]--><!--[endif]-->          
Тања, храбро во водство на Skytzophraenya, 6c.

           После овој прекрасен ден, се упативме низ планините во правец на долгочекуваната планина Монте Алпи, каде имавме замисла да ја качиме долгата насока од 350м Via Della Continuita. Сѐ што знаевме е дека во близина на насоката има ресторан Панцарди и дека таму ќе ни ги дадат потребните информации околу пристапот и сѐостанато. Искуството во Панцарди заслужува посебен текст, па ќе го оставам за понатака. Само ќе напомнам дека тоа беше едно од најубавите доживувања во комбинација со најдобрата храна и луѓе и секако, најинспиративното качување.
          На насоката Via Della Continuita, се упативме рано утрината, на 1ви Август. Планината Монте Алпи се издигнува до 1900 м.н.в. Појдовната точка, е на околу 1000 м.н.в. Пристапот води низ сипар, но не премногу напорен. За 45 минути бевме под насоката, јасно означена со тенка линија од бел креч. Во водичот беше напомнато дека е 10 должини од кои 8те се континуирано качувани и се компактна карпа, но последните две се качување низ вертикална и долга трева и дека често се одбегнуваат, па за абзел се бара еден голем бор кон десно. Оценката за насоката е VI- по UIIA. Одлучивме да ги поделиме водствата и секој да има по 3 должини, со тоа што јас тргнав прва, продолжи Тања, за да на крај, превземе Мето. Сите знаевме дека ноќта не спиевме многу добро, кој од умор, кој од возбуда, јас секако повеќе ради второво.
          Ги наредив комплетите, се врзав за биколорите кои Зоки Мајсторски ни ги позајми, ставив неколку френдови и чокови и тргнав во првата должина, 20 м, V-. Одлучив да видам како ќе оди качувањето и доколку е линијата релативно права, да ги поврзам првите две должини во една, бидејќи наредната должина требаше да биде исто така 20 м, V-. Карпата беше неверојатно компактна, со плочеста структура и вертикална пукнатина во која имаше забиено исклучиво алпинистички клинови и тоа само во поспецифичните детали. Линијата одеше право, со мали вртења кон конфигурацијата на пукнатините, а секое движење ме пленеше. Набрзо го здогледав првото сидриште. Бев импресионирана од тоа колку внимателно им беа уредени сидриштата, со три точки со алпинистички клинови, гуртни и мелон рапид за абзел со оглед на тоа што враќањето од насоката е исклучително по абзел. Продолжив веднаш во втората должина, стигнав до сидриштето и ги повикав Мето и Тања да тргнат. Возбудено гледав во просторот и широчините кои се протегаа пред мене,  завиткана во утрински студ. Карпата е во сенка до 12-1 на пладне, а сенката, дури и во лето, бараше носење на јакни и долги ракави.



Возбуда на првата должина и тро-кратна радост на едно од првите сидришта

          Крајно авангардниот момент во приказната беше кучето од ресторанот Панцарди, кое не пратеше долг дел од пристапот, но шокот беше најголем кога истото тоа куче го видов на третото сидриште како седи раат и се радува на дружбата. Кучето веројатно стигнало по некоја своја патека, но соочувањето со крајно релаксираниот поглед на тој пес на третото сидриште потполно ме освои. Опасниот момент беше кога кутрето одрони несакајќи и по некое камче од полицата, но за среќа сѐ помина во ред.  Наредните должини ги превзема Тања, имено третата должина од 25 м, III+, 4-тата, која се водеше за најтешка – плоча со пукнатини – VI- и 6тата, IV+. Плочата беше преубава, со неверојатно деликатни, но елегантни движења, а сидриштата секаде беа опремени со алпинистички клинови, гуртни и мелон рапид. Во шестата должина, стартот беше крајно деликатен и таа оценка 4+ се чинеше чудна и потценета, но Тања одлично се снајде. Сидриштетот во овој дел не беше едноставно да се пронајде, па на самата вертикала, на висечко сидриште, очигледно импровизирано од некого на едно мало борче, Тања се осигура и не обезбедуваше до нејзината точка. Мето ја превзема понатаму таа должина, за да на набрзо потоа го најде точното сидриште. Продолжи во 7мата должина IV, 30 м. На крајот од оваа должина се излегува на една убава полица, комотна и широка, со неверојатни глетки кои се протегаат пред вас и ѕвноце закачено на карпата, веројатно за комуникација во случај на ветер или услови кои би ја отежнале истата.
          На полицата се одморивме, пиевме од глетките и бевме возбудени, но веќе видно изморени бидејќи сонцето потполно се заврте кон карпата. Мето тргна во 8мата должина, 30м, V-, која скршнува остро кон лево и влегува во голем жлеб со крајно деликатни движена, попознати за мене како off width. Тука морате да играте со различни начини на заглавување на раце, нозе, тело иако тоа не функционира перфектно, бедејќи самата широчина на жлебот е специфична и мошне незгодна. Мето одлично ја помина должината, но во еден миг, после повеќе метри застана и викна дека не може да го лоцира сидриштето. Го отворивме водичот со Тања и токму тука, стоеше таа опција, дека насоката може да се продолжи угоре низ тревите или да се оди кон борот да се направи абзел. Му возвикнавме за опциите и тој се одлучи да се движи кон борот. Само од кога тргнав како втора, ја сфатив комплексноста и тежината на должината и огромната сложеност на траверсата до големиот, моќен бор од кој се правеше абзелот. Од кога пристигна Тања, погледнавме во далечините и се спремивме за абзел. Дури и абзелите ги поделивме,  па од вкнупно 6, секој направи по 2 абзели. Абзелувањето помина без проблем, но самото по себе е искрпувачко, бара многу концентрација, проверки и надеж дека јажето нема да се заглави или да повлече камен. Мигот кога го допревме повторно истиот сипар од кој тргнавме, стави голема насмевка на сите нас. Се прегрнавме и тргнавме назад кон нашиот ресторан Панцарди, каде нѐ чекаше совршено домашно вино, равиоли со рикота, сирење, лубеница, праска, насмевки и туш.



Мето во втората половина и Тања на едно од сидриштата со бескрајните глетки

          На 2 Август се упативме кон бесконечно убавото Monte Vulturino, планина, национален парк, шума со коњи небаре сте влегле во приказнија за Нарнија и карпи, длабоко пикнати во шумата. Авторот на качувачкиот водич беше токму тука и имаа голем собир на качувачи, но кога тој беше тука, ние качувавме, кога ние бевме во близина негова за да се сликаме, тој спиеше и така некако се утнавме. На Монте Вултурино качивме повеќе насоки. Карпата е неверојатно компактен варовник кој наликува на гранит и бара период за адаптација. Оценките се чинеа неверојатно ниски за тежината, па тука 6a ни се чинеше 6c, но сепак.... како што може да се види од сликата...

Мето во водство на 6c, на Scuppetta e Pistola
          На 4ти август заминавме кон мистериозната Pietra Maura, карпа во потполна пустина, до која се стасува по возење низ изолирани планински предел, сѐ до едно мало село со три куќи, Cognone, каде се остава колата, па по колски, прашинест пат треба да пешачите, или како што ние сторивме, да возите точаци по тежок, стрмен терен за да на крајот карпата воопшто не може да се прочита. Се вртевме околу грамадата повеќе часови, но ниту една страна не наликуваше на онаа од водичот. Едниот пристап до карпата беше крајно опасен, по огромни блокови, и тоа беше тоа. Сфативме дека Пиетра Маура сака да не запознае во некоја друга прилика. Направивме супа и се упативме кон Брегот на Амалфи, јужно од Наполи. Брегот на Амалфи во ноќта, преморени, не го ни видовме, ниту разбравме, Баравме само каде да легнеме. Патот води по страшни серпентини и е многу тесен за разминување. Конечно најдовме една единствена плажа, со распален огин од некоја група млади луѓе кои пееа цела ноќ, страотна влага која се лепеше по нас и многу комарци. Напорна ноќ нема што, но утрото покрај Тиренското море ни го одзема здивот. Набрзо бевме на нашите точаци, по острите завои на Брегот на Амалфи, небаре се возевме по филмско платно со старите верзии од Џемс Бонд. Стигнавме до Позитано и назад по угорници и удолници, по глетки кои не можат да се згуснат во зборови, карпи бескрајно импресивни, мириси, бои, звуци.

Мал сегмент од глетките на Брегот на Амалфи
          На 5ти Август се упативме во горниот дел на Брегот, кон селцето Летере, каде најдовме извонредно качувалиште со поглед на древниот вулкан Везув. Карпата е компактен варовник со огромен сектор во сенка, совршен за во лето.

Мето на Летере, со поглед кон Кастеламате и Везув
          Конечно на 7ми ја направивме нашата долгоочекувана велоспиедска тура на вулканот Везув. Везув има два пристапи од кои едниот, по оф роад патеката не е дозволен, па моравме преку Ерколано да се движиме по асфалт во должина од 10 км. Угорницата е неверојатно тешка, делумно ради нагибот, но во огромна мера и ради високите температури и огромната влага. Пристигнувањето на Везув беше восхитувачко, а кратерот во тишина одекнуваше со моќта на својот татнеж.

Везувска тројка

          И тоа би било тоа. На 8ми се упативме кон Бари, траект до Драч и конечно до Струга, на истата плажа кај хотелот Бисер на која со Мето се бањавме на почетокот од патешествието. Испуштив една дузина прекрасни луѓе кои ги запознавме, неверојатни мигови и детали за кои со голема радост ќе пишувам во друга прилика.


          За сега, ова нека биде само еден мал сегмент за нашето патешествие полно карпи, планини, шуми, шумски јаготки, море, тиркиз, вулкани, бои, мириси, италијанско еспресо, добро вино, совршено сочно овошје и бескрајно многу љубов, баш како онаа што извира од најтоплите краишта на нашето срце – од југот на срцето. 



 текст: Маја Мухиќ