Search This Blog

Tuesday, December 23, 2014

Спортско качувачки авантури на Музаки, Грција

На Музаки бев првпат 2012 година, кога со Мето и Тања за првомајските прaзници тргнавме на качување на Метеора (преубаво искуство кое се уште не сум го забележела во мојот мал блог), па пред да стасаме до Метеора имавме уште малку време и помисливме дека би било супер да ги посетиме овие интересни спортско-качувачки локалитети. Прво отидовме до Пили (Pyli), преубаво мало селце, со неверојатни качувачки локалитети распослани наоколу, но поради кусото време се концентриравме на Музаки. Па дури и таму, кога стасавме, вџашени од неверојатната карпа качивме едвај една насока пред да заврне моќно, поради што се спакувавме и се прибравме во кампот Врахос, централната локација за кампување ако решите да одите на Метеора.

Малку сеќавања имав од тогаш, иако повторно се вративме таму оваа година 2014, летово со Иле и Мето, и повторно не качувавме на Музаки, туку овој пат, целосно му се посветивме на неверојатниот Пили, а потоа на Микро, локалитет под Волос за кој пишував во еден од моите блогови. 

И ете така, Музаки ми остана мистерија се додека овој ноември 2014, од 22-25ти не отидовме таму со Илија Ристовски да вкусиме малку повеќе од таа карпа и локалитет. Одлуката беше случајна или беше одлука на космосот... Накусо, требаше да одиме на Враца со Зоран Мајсторски, па Илија се приклучи, па Зоки беше несигурен поради нестабилната прогноза, па прогнозата се стабилизираше, но потоа мене ми соопштија дека морам да работам во сабота, па така некако, испадна дека Враца отпадна,  за да на крајот Илија и јас се уште бидеме волни  и можевме да отидеме негде. И така и би. Си тргнавме попладне после моите часови, во сабота на 22и ноември, си стасавме до кај Кучкин во Демир Капија, јадевме најубава салата и продолживме до Музаки, каде стигнавме некаде околу 10 часот навечер. 

Музаки (Mouzaki) е дел од регионот Кардица (Karditsa) но најубауво е да пристапите преку Трикала, со оглед на тоа што е патот подобар. Локалитетот е еден од најпознатите спортско качувачки локалитети во Грција, а карпата е високо квалитетен варовник со инокс клинови и опремени сидришта. Познато е дека до неодамна, Музаки е регионот на најтешките проекти и најтешките први искачувања. Секако, сега веројатно Калимнос ја превзема титулата, но тоа ништо, ама баш ништо не менува во неверојатната лоцираност и фасцинантност на оваа карпа, како и нејзиното извонредно богатство на насоки кои во ниту еден миг не ви даваат да здивнете. Секако има широк дијапазон на оценки, вклучително и по некоја 4c, но генерално гледано, тие се малубројни, па пообјективно е да кажете дека оценките почнуваат од 6а па нагоре. 

Паскал Зафириадис се грижел за секторов па се погрижил и да се изгради мала дрвена куќичка/платформичка со кров каде можат комотно да се сместат 8 луѓе или во постудени услови секако 4 шатори. Од Скопје кон Катерини, па Лариса, па Трикала, а од Трикала барајте знаци за Музаки, а потоа од селото Музаки (исто така преубаво) барајте знаци за Порти селото. Штом ќе видите знак за Порти од десна страна има остра угорница каде по неполни минута-две ќе здогледате голем паркинг. Насоките се буквално пред вас, доминантни, преубави... И така... три преубави дена... Качивме, Baby Blue-6a, Fig Tree-6a+, Sindromo Down 6c, Akiwasha 7b+/7c(Иле ја качи, јас се потрудив да го обезбедувам најдобро што можам), Saltimbagos 6a/6a+, Happy End 6b+/6c, Keep Walking 6b/6b+, Jadranka 6a, Levedis 6b, Totem 7b (мислам дека и оваа беше една од делициите на Илија), и уште нешто што не можам да го најдам во водичот кој го испринтав од climbing-greece.com

Три преубави дена, многу авантура, невиден студ навечер, преубави разговори, бодрење, качување, виснување, па пак качување, уживање, сјај...

Слики......




Иле се загрева на Baby Blue 6a

Јас на Baby Blue

Си местиме камерче

Иле стартува на Akiwasha 7b/7c+

Иле на Keep Going 6c

Иле во акција на Keep Going 6c

 Негде горе...

Огнот навечер

Поглед од куќичката/платформата каде се спие

Утро на платформата

Иле визуелизира движења на Akiwasha 7b/7c+

Вадење комплети од 7c+

Јас на деталот на Levedis 6b

Јас во деталот на Levedis 6b

И преубавата прошетка во Јуручкото село Челоец, низ лавиринтите на Демир Капискот кањон...


Tuesday, November 18, 2014

Угоре по Магмата Нежилова

Требаше да го напишам овој текст одамна, додека се импресиите уште свежи, додека шикаат сликите низ крвотокот и пулсира сета нестварна стварност низ комориве на срцево. Ама ете, бидна така, она мрзливото „денес утре“, или можеби беше недостиг од зборови, немоќ да се искаже виденото, искусеното, доживеаното, преживеаното. Во голема мера, можеби е и тоа што кога ги пишувам текстовите за моите доживувања по карпите и во планините, талкам низ умот и оставам да бликаат реченици од мене, а не јас да седам и да ги создавам наменски, па некако го чекам мигот. 

Во голема мера, заслужен за тоа да ја подигнам одговорноста и да си ги забележувам доживувањата во овој блог е и мојот духовен сопатник, мојата најделикатна алпинистичка наврска со која расневме во алпинизмот, се калевме, се ткаевме, Александар Зарапчеив. Тој секогаш ги запишува своите длабоки искуства и кога ќе ми затрепери неговото писание на мониторот, си велам, а јас, што правам, зошто чекам, додека импресиите ферментираат во мене... Се надевам овие имрепсии кои сега сакам да ги излеам, не се преферментирани за да се обидам макар дел од искуството на Солунска Глава, насока Воскресение, да ги доловам тука.

Со Зоки Мајсторски на Солунска Глава, насока „Абзел Линија“ првпат бев 2011 година, 8ми септември. Во кратки црти, бев вџашена, потполно вознесена, крајно импресионирана, но сотрена. Од кога се вративме, се разболев, дигнав температура и во трескавичен транс ги гледав одново сликите од тоа искуство. Физичкиот напор за мене едноставно беше премногу. Си велев, мислам дека таму повеќе нема да одам. Не од друго, туку дека за да пристапите до таа грамада од карпа, која болскоти пред вас со 800-1000 метри вертикала, треба да поминете седум планини, седум долини, да направите средба со змејот, да му се извините што го вознемирувате и да се надевате на разбирање, за да тој ви отклучи уште една порта после која допрва почнува патешествието. Кажано едноставно, долг пат, па стрмна шума, па речно корито каде почнувате да качувате со нозе и раце, па вертикала со лизгави треви. Првиот миг кога ке ја здогледате карпата, додека сте уште во коритото, а муграта се распукува, мислите еве сме, но од таа точка има уште барем час и половина до два до неа. Овој пат со Зоки, во екот на септемвриските дождови решивме да направиме саботен обид - мал временски прозорец, но си рековме, доволен да пробаме, брзо, но мудро. 

Тргнавме на 19ти септември, петок. Го собрав Зоки од автобуската во Велес околу 4 часот, и се упативме кон Нежилово. Влажен коловоз, кал, тешко маневрирање со колата, но стасавме накај 6 часот навечер, распределивме опрема во полумрак и нагоре низ калта кон планинарскиот дом Чеплес. Брзи бевме, Зоки напред без челна, како ли гледа тој човек? За таквите со неверојатна ориентација велам, имаат вграден GPS систем. Сигнавме до домот за час и половина. Набрзо потоа, чуден жагор од познати гласови, Никола Андоновски, Александра Герасимова и Александар Кирковски и Бојан. И тие за на Солунска, но со идеја да одат на Централен Солунски Кулоар. 

Малку муабет, реминисценции кој каде бил летово, како тие качувале на Северна Триглавска, каде бил Зоки, како ни беше на Мето, Иле и мене на митскиот Стефани, Комичи-Ешер насока... И тоа е тоа, нема опуштање, студена ноќ, легнување во 10 за да наутро во 3.30 на 20ти септември, тргнеме. Станавме, јас прва во ноќта талкав низ домот, мешав кафенце, во се уште топлата кујна чии ѕидовии зрачеа топлина од баботењето на печката са ноќ, за да набрзо потоа, околу 4 утрото се упатиме со месечината и нашите мали челни месечини кон Нежиловите карпи. Пристапот по изворите на Бабуна е во најмала рака, радикален. Совршено интензивен, тежок, со парчиња кои врват низ клисурата на реката, двојки и тројки за качување со тешки ранци, натежнати капаци на очите, бидејќи сепак, мугра е, вертикални треви кои ги кубете за да се задржите да не се слизнете. И тоа трае, трае најмалку 3.30 часа. Последните половина час, качувавме соло, 3-4 должини по она што веќе се смета за дел од Воскресение и ЦСК и се движи во распон на оценка 3, 3+. Тие должини се капеа во пурпур и мешавина од емоции. Нестварноста од глетките помешана со бескрајно истоштеното тело, помалку збунетост, каде сум, зошто ова си го правам, но над се, маѓепсаност која никогаш и никаде нема да можам да ја доловам. 

Кога пристапувате на Нежилови, небаре гледате магма, излеана од утробата на земјата, горечка, движечка сила која се распрснала уогре, вертикално, како лава која за миг го прекршила пактот со гравитацијата и се извајала кон небото. Бескрај од форми, страотна монументална формација, непрекин од воздишки, храм, универзум. По магмата угоре, до подножјето на насоката Воскресение. 

Конечно таму во 8.15 утрината. Се распославме со опремата, Александра и Бојан една наврска, Кирковски и Никола втора, Зоки и јас трета но одвоена, дека одиме во Воскресение. Воскресение и ЦСК делат три исти јажиња а потоа се разделуваат. Воскресение брои, вкупно 14, ако се земат предвид оние доле соло 4 јажиња. Зоки ме подговти и рече, 6 часа оптимум, но да пробаме да избегаме од дождот. Времето се уште беше стабилно, но испарувањата покажуваа дека на повидок оди обилен дожд. 

Тргнавме први со Зоки, во првата должина која носи потешка оценка од V+, релативно малку клинови, само во клучните делови. Има две движења, море три, благо превисесто, а згора на се, беше осојна таа должина па карпата студена и не чувствував што фаќам. Зоки закова еден клин и една кука, куката ја извадив, клинот на барање на Зоки, за ориентир во насоката за идни наврски, остана. Во клучните движења треба убаво да се наместите, раце на малку отворени фаќалишта, нозе на мали, ситни стојалишта, па кон десно, па кон лево, па пак кон десно и полека во траверса лево. Следи втора должина, сипар, пред третата, каминеста должина повторно V+. Зоки се пикна подлабоко во каминот и стави френд таму, а јас некако од надвор го поминав, брзо и возбудено. Зоки дури се изненади и ме пофали со каква леснотија и брзина сум го поминала. Третата должина оди низ кратка плоча, па во десен траверс и повторно горе на сидриште, оценка околу VI-. Ја поминавме супер и стасавме до полицата каде малку јадевме, јас вџашено гледав и постепено се губевме од останатите наврски.

Следните две должини, во паралелна наврска ги минавме, но никако не беше лесно. Експонирани делови, специфични движења, ронливи моменти кои почнаа серизно да ме плашат. И така, нагоре полека, низ 5, 6, 7, 8, 9, должина... Во предпоследната должина имаше силни одрони, а во последната должина пред Зоки да стапне на тревата на самиот излез од насоката се случи голм одрон кој многу ме исплаши, но тој интимен миг го оставам за себе, бидејќи е страотно, моќно, интензивно доживување. Ги одковав клиновите од сидриштето кои Зоки ги беше поставил, ама куката никако не можев да ја извадам, бидејќи под неа имаше тревеста полица и немав од каде да замавнам, со оглед на тоа што куките само од доле кон горе може да ги исковате. Се уште со гради стегнати и по малку без здив од одронот, удирав со кладивото во куката, но залудно. Облаците се собираа, прснаа неколку мали капки дожд и Зоки ми викна, да тргнам. Куката е верувам таму и се надевам со причина.  

На излезот бевме во 13.30. Се на се, во насоката бевме помалку од 5 часа, Зоки вели 4.50, одлично темпо кое ни даде доволно време да се спакуваме и тргнеме кон домот, пред да заврне. Исцрпувачко беше враќањето кон домот. Траеше 3 часа. Ги мислевме другите кои за среќа, силниот дожд ги фатил на сам излез од насоката. Дојдоа два часа подоцна во домот. Имав 15 минути мир во собата, се спакував и тргнавме назад со Зоки, по дожд, низ кал, но со срце полно трепет, слики, обмисли, размисли, благодарност бескрајна... Стасавме во мрак до колата, јас сета во кал, соблеков патики и возев до Скопје со пењачици, не знам ни како, ни вистина дали беше. 

Вертикалната Магма ја сонував уште неколку последователни дена. 

Технички детали. Качувавме со биколори - две јажиња од по 60 м, насоката имаше многу малку клинови, веројатно поради комбинација од фактот што целата насока е далеку од преклинчена (ставани се точки на клучните места), и сигурно од самата работа на карпата поради која состојбите со оклинченост заедно со конфигурацијата постојано се менуваат.

Во првите три должини (ги бројам 3 иако се реално 4 што може да се види од подолу прикачената мапа, ако се смета и втората должина низ сипар која нема обезбедување, е некоја лесна 2ка и ве води до каминот) има скоро сосема доволно обезбедување (по некои мои импресии, особено добри точки имаше во каминот и во должината над каминот која поаѓа низ една плоча па скршнува благо во десно низ еден раскршен пејсаж). Во останатите должини има мал број на клинови, а она нешто што се наоѓаше, беше претежно од Бобан Стојанов (Боби Штип), обоени лилаково. Сидриштата (со исклучок на првите три од потешките должини) беа правени од Зоки, со клинови (препорачувам барем 5, а можеби и повеќе клинови за секого кој сака да влезе во насоката и да постави повеќе точки на обезбедување и да има посолидни сидришта), некое чокоче, френдче и куки.

Карпата генерално не прима многу чокови и френдови, така да носење на цели сетови нема да биде од многу полза, но по некоја мала димензија на френд (половинка или 1, или некое мало чокче, можат да ве изненадат колку добро можат да се најдат во некои клучни детали за малку повеќе самодоверба и безбедност) Останаа неколку клина и една кука во претпоследното сидриште пред последната должина (или гледано поинаку, последното сидриште пред излезната должина од насоката, кога доаѓате на тревата). Користевме повеќе клинови (морам да го прашам Зоки колку носеше (но безмалку беа 5-6), нешто отковував, а нешто минимално остана, неколку (4-5) гуртни, мал френд кој се најде на повеќе места, мислам половинче. 

Следат фотографии:
Магмата во Мугри



Една од многуте должини на Воскресение


Човекот кој можеби сето ова го сонува



Постепено угоре, пред дождот...


Совршени лакови...


Зоки подготвен за поаѓање


Зоки во третата должина, длабоко во каминот



Миг... 


На излезот, на Врвот скоро 2545м



Дожд удолу, вознес од внатре... 




Во мокрите папради... 



Мигот на излезот од насоката, таа гранична линија од магмата во тревата... 



Со Зоки, прекраснотии... 


Топографија на насоката превземена од plocaclimbing.com








Friday, September 5, 2014

Преку островот на Пелопс до Тронот на Зевс

Оваа приказна е како од сон... така ја паметам, небаре ја сонив и се уште ги допирам тенките нишки од ткаенината на сонот во кој се движев, дишев, качував, нуркав и сонував на островот на Пелопс, кралот на древниот град Писа во западен Пелопонез, син на Танталос и Дионе, чие име го носи самиот Пелопонез. Сонот потоа продолжи кон Олимп и се круниса со тронот на Зевс, Стефани. Но да почнеме од некаде...

Пред воопшто да се одлучиме за ова патешествие имавме милион други планови, најмногу со фокус на Доломити, но тоа се смени од ред причини, меѓу кои делумно и специфичните, дождливи временски услови во текот на изминатото лето. И така, почнав да пребарувам топли краишта со добри качувалишта. Пелопонез изгледаше како совршена опција. Голем полуостов со огромен број на качувалишта, преубави плажи, митски планини, древни места кои пленат кога само ќе им го изговорите името. Првичната замисла беше да одиме јас, Методи Чилиманов и Илија Ристовски, но на Иле му излезе некоја работа, така што останавме јас и Мето и волшебниот Ситроен. 

6 Август 
Тргнавме на 6 август по неверојатно врнежливо време, со обилни бранови на дожд кои го отежнуваа патот. Поради тоа одлучивме да се движиме исклучиво по автопат кој некаде до Коринт, устието кое на некој начин го дели, но и спојува Пелопонез од остатоткот на Грција, ќе ве чини 50тина евра за патарина во еден правец и е околу 850 км. Секако, има можност да се движите по споредни планински патишта, опција која ја одбравме за враќање. Патот ја следи познатата рута до Атина, па потоа се оди кон Ламиа и Коринт. Кога пристигнавме на Коринт, времето малку се смири, се отвори дупка во небото со пурпурни преливи од изминатите часови олуја и пленеше со глетките. 

Првичната идеја ни беше да возиме до некое од качувачките локалитети уште првиот ден, но веќе беше доцна и застанавме на првото место на море, на источниот брег на Пелопонез на неколку км од едно местенце кое се вика Лутра Еленикос. Најдовме мала шумичка за поставување на шатор, но додека го местевме шаторот (инаку на неколку метри од плажата) некое мало суштество ни се заплетка меѓу нозе. Набрзо видовме дека има уште 3 такви... Некој безмилосен човек собрал новородени кученца во кутија и ги оставил тука во шумата, пред плажа на милоста на ѕвезденото небо над нив... Едното од кученцата се издовјуваше по својата храброст и проникливост и набрзо се счучули до нашиот шатор, преспивајќи цела ноќ до нас. Ноќта врнеше ситно но мистично. 

Изутрината се разбудивме пред прекрасната глетка на пелопонески песок и мирна тивка морска вода на плажа која некогаш веројатно била позната, но сега заборавена... Се викаше Sand and Silence (песок и тишина) - совршен опис за местото. Цело утро се забавуваме со кученцата. Омилениот јунак го нарековме Коринт, а останатите- браќа и сестри на Коринт. Беа прежеднети и гладни. Ги нахранивме и им дадовме вода па со полускршени срца од глетката во која стоеа наредени едно до друго со поглед вперен кон нас во знак на благодарност, го напуштивме местото.

7 август
Топло, но не премнгу, веројатно од сувиот воздух сосема подносливо. Се упативме кон Епидаурус, местото познато по асклепионот-простор за лекување во кој луѓето заспивале и го сонувале Асклепиус, богот на здравјето, кој им кажувал што е најдобро за нивното здравје. Во Епидаурус се наоѓа и најголемиот, најимпозантент антички театар со совршена естетика и акустика. Се упативме кон Дидима, мало селце на источниот заб на Пеолопонез, односно Арголис, како што се вика целата провинција, над кое се наоѓа планината Дидими, 1100 м со над 100 насоки за качување. Но кога стигнавме, планината Дидими, полна ветерници кои моќно го диплеа ветрот околу себе, веќе беше во мрак од облаци и почна да врне. На осамената пумпа, човекот кој сипаше бензин, на полугрчки/полуанглиски ни кажа дека е тоа првиот ден од целото лето да имаат дожд. И така се одлучивме да се упатиме кон околното место Катефики. 

Катефики е импозантен кањон до кој се стига по неасфалтиран пат, но тоа трае не повеќе од 5 минути. Во срцето на кањонот, го паркиравме Ситроенот и тргнавме кон насоките. Карпата е импозантна, црвена, порозна како сунѓер, на места многу остра, но со големи дупки и џебови што го прави особено интересно качувањето. Левиот сектор е резервиран за традиционално качување и нема никакви клинови, но во водичот се обележани линиите за качување. Голем дел од нив имаат само сидришта. Кон десно, почнуваат насоките од кои некои по 30тина и повеќе метри, поради што 70ка јаже е добредјдено. Во централниот дел на насоката се наоѓа импозантната Red Empire 7c/8a насока од 5 должини, и Зоро, 6а/b насока од 5 должини која сече низ карпата правејќи го познатото Z на Zoro од каде и името на насоката. Дента качивме неколку насоки 6а/6b и легнавме во тишината на кањонот под полна месечина. Карпата е прекрасна, линиите импозантни, клиновите не многу блиску, но сосема нормално, просек 2 метри, некаде и малку повеќе растојание, сидриштата одлични, со алки или честопати со monster hook за да се одбегне преврзување на јажето. Карпата е во сенка од 2 попладне а денот долг, па до 9 можете да уживате во богатството насоки со широк дијапазон на тежини и стилови додека на неполн км надвор од кањонот се случува вистинско лето.

8 Август
Качивме една насока рано наутро, Ruby Tuesday, но веќе во 9.30 стана многу топло. Се упативме во близина на морето и ја откривме преубавата тиркизна, песочна плажа Лепица (Lepitsa). Тука останавме до 3 попладне, а потоа назад на Катефики каде качивме уште неколку прекрасни насоки, некои доста тешки и нови, поради што ги немаше во водичот, но можеби затоа и бевме похрабри да ги пробаме. Во самракот од врвот на карпите не гледаше една дивокоза, како да се подсмевнуваше, чудејќи се што ќе ни се сите тие јажиња да се качиме онаму каде таа миговно може да се затрча.

9 Август
Се упатуваме кон праисториските пештери на Фрахти каде наводно се најдени најстарите живеалишта во Eвропа. Зачудувачки, таму има насоки иако е тоа веќе на пат да стане туристичко место, со рефлектори кои го осветлуваат навечер и табли кои даваат опис на континуираното живеење таму уште од Палеолитот. Какво импресивно место... Апслолутно здивоодземачко. Одејќи под тешките плафони на пештерите, како да го чувствувате минатото како пулсира низ вашиот ум. Фрахти е составено од 4 големи пештери. Во првата се наоѓа сет ѕверски насоки 8а/b тежини, во втората најбизарните насоки што сум ги видела бидејќи се наоѓаат длабоко во пукнатините, во длабочина на карпите, па само одозгора со топ роуп може да се симнете и да качувате низ прашинестата, клаустрофобична атмосфера, која е супер за дождливи денови, а потоа во последната пештера се најубавите неколку насоки, но и тие во потешките оценки 6c+/7a со една до две полесни 6а линии. Беше многу топло кога дојдовме и некако се чини дека не обзема таа мистика на местото и од некоја необјаснива причина не качувавме таму, туку уживавме на преубавата плажа. 

Доцна напладне тргнавме кон планината Дидима. Пат кој заслужува милион страници. Тесен, страшен, полн серпентини, провалии и кози распослани по него, загасит пурпур во часовите на зајдисонце кога се движевме нагоре. Паркиравме на врвот, полна месечина, бело вино, шатор и островите на Пеолопнез на дланка... 

10 Август
Дидима важи за едно од најспектакуларните качувалишта на Грција, и такво навистина е. Да гледате пола Пеолопнез, море и острови додека качувате по карпа, која за првпат не е толку остра, а наликува на Демир Капија по бојата и текстурата, но е многу компактна, додека од другата страна се пафтаат големите ветерници и некаде во далечината е Коринт и Атина... Кои уште зборови да искористам да го доловам местото... На врвот, специфика за скоро сите места во Грција, мала црква Св. Илија, а Илија на иконите прикажан како самотен мудрец кој седи на карпи. Насоките се преубави, има повеќе од 100, на поделени сектори. Првата карпа има полесни па одат кон се потешки и потешки. Превисна карпа која бара сосема нова техника. Пукнатини и мазни површини кои наликуваат делумно на новиот сектор на Демир Капија, а превисите специфични, бараат добро местење и работа со нозе. Качивме преубави насоки од кои едната која јас не ја пробав се викаше Jump и бараше голем дајно скок по мазна превисна површина. Клиновите на Дидима се на големо растојание, што сосема ја менува психологијата на качувањето, особено фактот што првиот клин скоро без исклучок е негде горе високо, како некој филтер за тоа кој може а кој не може да качува, па сега ако имаш храброст оди качи се. 

За десерт ни дојде фантастичната Fear of Goats, каква линија од континуирани силови движења и преубаво местење.... И така под имрпесиите на Дидима, повторно во пурур, сега под небо од најавениот метеоритски дожд, повторно малце бело вино и некоја убава закуска.

11 Август
Пат... долг, волшебен, возиме по брегот на заливот на Арголис... Глетки опивни... Застанавме во гратчето Нафплио, некогашен центар на Грција, а потоа на волшебната плажа Карада, со мала таверна и рајска градина полна банани, портокали и смокви. По бескрајното уживање се упативме кон Триполи и Спарта, во планинската прегратка на митскиот Тајгет, највисоката планина на Пелопонез со врвот Свети Илија 2407 метри. Неверојатна беше промената на пејсажот. Планината е страотно моќна, а приказните за бебињата кои Спартанците ги оставале на планината,ж доколку сметале дека нема да бидат добри воини, и ги фрлале криминалците и оние кои ги сметале неспособни, ја прави уште помоќна и страшна. Името и е од Тајгет, нимфата Тајгета. Планината е како петопрст, од страотни карпести формации, голем зимски предизвик за искачување и за алпинизам воопшто, но има и релативно лесна патека до врвот која трае некаде 4 часа нормално темпо. Околу 6 напладне се сместивме во камп во близина на византиското село Мистрас, го измивме Ситроенот и уживавме во глетките.

12 Август
Лагада/Лакониа - фантастично качувалиште со мала куќичка во подножјето. Качувалиштето се наоѓа негде на 5тиот км од импресивната патека од Спарта до Каламата која сече низ Тајгетос, низ тунели од карпи, серпентини и глетки полни адреналин. Куќичката е за качувачи, со оставени сол, шеќер, изомати, зејтин и листа на насоките испечатена. Карпата е фантастична. Има 4 сектори, секој на сенка/сонце во различен период од денот. Качувавме два дена напоредно, на насоки со имиња фасцинанти како Чакал и ред други. Се запознавме со Спартанци :) јаки качувачи а потоа се бањавме во базенот на кампот со поглед кон моќниот Тајгет.

13 Август
После прекрасниот качувачки ден требаше да се упатиме кон селото во подножјето на Тајгетос за да утредента го качиме врвот, но токму кога полневме изворска вода од Тајгет, приметив дека Ситроенот има некој проблем и му тече од маслото за хидраулика. Панично се спуштивме кон Спарта каде никој не знаеше како да ни помогне и не упатија во Триполи. Стигнавме во ноќта, во пристоен хотел, каде девојката на рецепција направи се да ни помогне. И за да чудото биде уште поголемо во 10 навечер, лудиот мајстор не прими. Гение за Ситроени, со мрсна маица и чирак кој се викаше Демостен, полничка, плава секретарка која лежеше превртена од горештините и сакаше да си оди... Италијани кои со Ситроен Пикаса заглавиле цел ден бидејќи им рикнала пумпата за гориво... За половина час го отклони проблемот, а ние ноќта удривме едно луксузирање во хотелот, бидејќи немавле сила било каде да возиме и местиме шатор.

14 Август
Возиме долго, долго до источниот раб на Пелопонез, на Јонско море карши Закинтос, па право на север, во мало рибарско селце Лакопетра, со најдобрата таверна на свет, сочна салата и бело ладно вино. Спиеме на плажа, влажно, лепливо...

15 Август
Долг пат преку импозантниот мост на Патрас, кој го спојува Пелопнез со Грција, преку планините (овој пат не одевме по автопат), до Олимпија каде се одржани првите олимиски игри, за да истоштени стигнеме во Литохоро под Олим и седнеме во барот Мезе Мезе, да се свестиме. Некој со кола ни свири и гледа во нас, а јас со полузината уста го гледам Иле. Како се најдовме?? Не знам... Случајно??? Не би рекла. Ѕвездите не споија. Се изгушкавме. Иле дошол со битолчани да го качува Олимп, а ние со идеја да ја качиме класиката на Стефани, насоката Комичи-Ешер. И се разбира, малку убедување требаше за да Иле ни се приклучи, но се договоривме да се најдеме утредента на домот Какалос, на 2700 м, точно под Стефани. Иле тргна во ноќите накај првиот дом А, на 2100м каде го чекаа битолчани, а ние легнавме во чудесната шума на Олимп, неколку минути над Прионија, местот каде се оставаат колите. Какво спиење беше тоа... На мека постела од лисја, на површина таман толкава да собере шатор за двајца, со шумолење на реката во близина и тивки, пријатни звуци од шумата, која како да осети колку бевме уморни и не прими по марифетите на најдобар можен домаќин. Бескрајна благодарност до шумата и боговите на Олимп за таа ноќ која ни го даде преку потребниот сон.

16 Август
Одиме кон Митикас, топло е но не е страшно. Стигаме преку Скала за околу 3.30 часа со тешки ранци, бидејќи ја носиме сета алпинистичка опрема со нас. На Митикас сум била два пати до сега, а Мето првпат. Секогаш ме импресионираат глетките и позиционираноста на Митикас, а Мето беше уште повоодушевен од се она што се распостилаше пред нас. Горе Иле и битолчани, а набрзо и ние на 2917м. :) Му кажавме на Иле дека ќе го чекаме на Какалос. На врвот останавме сами, со по некој чуден минувач што се качувал од другата страна и со една екипа луѓе со Го Про камери на глава. Се симнавме низ експониранио кулоар под Митикас и избивме под тронот на Зевс/врвот Стефани, до првиот дом, бидејќи во Каклос немаше место. Се најдовме со Иле и отидовме до Какалос да ја осетиме алпинистичката атмосфера од многу качувачи на 2700м. Едни пред нас ја качуваа познатата Зара/Ботели 6a/b за која како што разбрав и дел од екипата на Екстрем учествувале во правењето. 

Уживавме под Стефани со глетките, сонцето, ветерот, кучињата и преубавите мазги, кои им го носат товарот на луѓето до домовите и за кои има испечатени знаци дека можат да бидат опасни. Но Иле, Мето и јас толку се споивме со нив, што за кратко време, Иле ја хранеше мазгата Рози и тројцата ја галевме, додека таа гледаше во нас со тие огромни преубави очи.

17 Август
Одиме наутро кон насоката Комичи/Ешер. Вистинска класика, првата насока воопшто на Олимп па згора на тоа направена од легендарниот Емилио Комичи и тогашната му партнерка Ана Ешер. Првпат качена 26/6/1934, IV-, 200м должина. Вистинска делиција но и голем предизвик, бидејќи за разлика од другите насоки кои се оклинчени, тука ориентацијата е многу комплексна, а насоката едвај да има 5 клина вкупно. Се договоривме Иле да ни биде почесниот елемент и да ја води. Во подножјето на насоката се уште имаше снег, а таму и најдолго се задржува снегот, дури до доцна во август. Иле тргна, но со оглед на тоа што немаше клинови не беше лесна ориентацијата и набрзо сфативме дека е влезен во друга, потешка насока, со алпинистички клинови, за која немавме топографски опис и не можевме да ризикуваме да продолжиме по истата. За среќа горе имаше алка па Иле абзелуваше, но пред да дојде до доле, здогледа клин и бледа црвена стрелка (некој ја бележел Комичи/Ешер со повремени стрелки за ориентација) и траверсираше во десно. За време на абзелот летаа камења и беше страшно, но се обидовме да внимаваме најмногу што можеме. 

За Иле и како ја изводе оваа класика, немам зборови. Вакви полесни, но долги линии бараат не само способност за ориентација, туку и неверојатно добра концентрација, познавање и одговорност сепак да се постават безбедносни точки. Често пати на полесни линии прескокнуваме клинови или ќе не понесе континуираноста на движењето и нема ни да приметиме дека долго време можеби не сме вкопчале сигурносна точка. Но на вкупно 5те клина која можеби ги има насоката, Иле со извонредна одговорност и познавање поставуваше френдови и чокови, правејќи го качувањето многу побезбедно и технички солидно. Успеваше да најде и прекрасни природни формации низ кои можеше да протне гуртна. 

Првата должина траверсира благо во десно. Втората е долга ронлива плоча, без клинови, 50 метри. Третата е убава должина низ жлеб па лево кон полица. Четвртата беше најпрекрасната линија со деталите од IV-, низ два жлеба со по неколку клина и фантастични движења. Тука, Иле не го здогледа сидриштето и продолжи погоре, но добро ја следевме ситуацијата, фактот дека јажето премина 40 метри, па му довикнавме да застане да погледне околу и навистина, пред него беше сидриштето. Петтата должина е исто преубав жлеб, убави движења на расчекор, карпата станува се посолидна од третата должина нагоре, иако на сидришните точки знае да има насобрано ситни камења па оној што собира јаже мора да внимава. И врвот!!! Каква радост, какви глетки. Почна многу да студи веќе во третата должина. Се наоблачи и дуваше силен ветер. Карпата е на исток, па и она малку сонце што го имаше го фативме во утрината, а остатокот беше во сенка. Бевме пресреќни што ја качивме класиката, што сме толку убаво друштво и што така добро и тимски соработувавме во качувањето. Симнувањето низ кулоарот на Стефани е доста комплексно, по многу ескпониран терен. Се вративме во домот, јадевме малку и тргнавме по долгиот пат, или како што го нарековме - патот без крај - до Приони. Крај чешмата во Приони, со преморени нозе и болки во грбот од тешките ранци, Мето ни зготви фантастичен ориз, а јас имав уште од белото винце и едно пивце кои ги разладивме во планинската вода. Мммм, каква делиција. Уморни ноќта лутавме да најдеме каде да спиеме и решивме да се сместиме во кампот Митикас. Ни дадоа ептен ниска цена, некои 15 Еу за две коли, шатор и за сите нас тројца. 

18 Август
Море... пливање со поглед на Митикас... Назад во камп и целодневно уживање крај базенот, со јадење, вино и прекрасни разговори и согледби за нашето искачување, за тимската работа, а потоа назад кон Скопје.. Иле напред со колата, ние позади па обратно се до патарина Петровец каде си мафнавме со Иле.

Се на се, патување волшебно, како од сон, полно секакви приказни, од малите кучиња на Коринт, до мистериозните дивокози, тиркизните плажи, чудесните карпи, и сето тоа зачинето на крај со поглед од Тронот на Зевс преку вистинската алпинистичка класика Комичи-Ешер...  

Она што следи е мал фрагмент од патувањето преточено во слики кои не се нужно по хронолошки редослед.
Sand and Silence плажата каде преспавме првата ноќ

Бебето коринт

Катефики и насоката Red Empire

Lepitsa+фантастична плажа од тиркиз и песок

Катефики, попладневно качување 

Мистичните пештери на Фрахти

Од овде можете да се спуштите топ роуп и од доле да качувате

Поглед кон имрпесивните насоки


Патот кон планината Дидими во пурпурната ноќ

Козите на патот

Мето наоѓа болдери и на плажите

Лагада-Лакониа, фантастично качувалиште на 900 м надморска височина. Летен сон

Мето се спрема за превисната насока Ермиони 

На пат кон Скала па Митикас-2917мнв

Експонираниот пристап до Митикас

Скремблинг што би рекле :)

На врвот

Уште малце детали од врвот

Мето и нашата опрема на врвот


Фрагменти од пристапот

Утринско приоѓање кон Стефани

Јас во траверсата од првата должина на Комичи-Ешер

Мето приоѓа на едно од сидриштата на Комичи-Ешер



Иле на четвртото сидриште

Иле елегантно на преубавата петта должина


Заедно - среќни на сидриште

Јас во излезната, петта должина

Уште еден чекор до излезот на Стефани...

Отстапување надолу кон кулоарот на Стефани

Во маглите кај домот со поглед на Стефани



4тата линија е насоката која ја качивме

Едно од спиењата на плажа во рибарското местенце Лакопетра

Импозантната карпа на Лагада/Лакониа

Пештерата со многу насоки на Лагада

Спартанските качувачи на Лагада

Иле во скок на Олимп

Озбилни разговори

Цвеќенцето во подножјето на Комичи-Ешер

Пристап кон Стефани

Иле во акција

Една од делициите на Иле - природна точка за обезбедување

На излезот од насоката Комичи-Ешер со Митикас во позадина

Отстапување низ кулоарот на Стефани

Среќни на излез од насоката...


Назад по магла и студено време



Ситроенот и шаторот експониран на ветер на 1100 м на Дидими

Глетките од качувалиштетот Дидими

Прекрасно качување на 1100 мнв

Дел од насоките на Дидими

Мето се подготвува за качување на Дидима
Мето и Иле во чекор под Стефани и јасното V на карпата на излезот од Комичи-Ешер во позадина
Од 2909 на нешто под нулата... Радост.... Сон...