Search This Blog

Sunday, May 10, 2015

Бела АванТУРНА сезона 2014/2015

Блогот кој едноставно го нареков Духовната Кујна на Маја е дефинитивно она што во нашите тинејџерски денови го нарекувавме дневник. Големата разлика е во тоа, што тогаш веројатно (барем за оние кои воделе дневник) записите биле многу поредовни, или секојдневни, за разлика од ова што сега го правам... Чекам да ми се наталожат импресиите па да пишувам. Дали е така записот помоќен или не, не можам да бидам сигурна иако знам, голем дел од имрепсиите се сега само на фотографија и во мисла скоро невозможна да се изрази во зборови, но на крајот на краиштата, кога е всушност воопшто можно силните импресии да ги артикулирате во зборови?

Погледнав низ мојот блог, дека записите ми се спорадични и не сум впишала ништо од јануарските авантури, а толку многу работи се случија. Имавме сезона каква ретко сме имале. Снег скоро секогаш има во април па и мај, но толку континуирана полнотија од снежна покривка после нешто „потенок“ почеток во јануари и половината на февруари, одамна немало. Сезона во полн ек до 15 април, со сите ски лифтови оперативни на Попова Шапка, што и не е толку битно ако се земе предвид дека овој мини запис ќе се однесува на неколкуте (аван)Турни искуства што ги имавме во текот на сезоната.

Записот ќе го направам краток... Секој обид да доловам подетално се што се случуваше во тие турно скијачки/бордерски денови ќе резултира со најмалку еден том книга. Па затоа накусо. 

Изодевме турно огромен дел од северната страна на Попова Шапка на повеќе пати. Отидовме турно по северо-источната страна на епско деликатната Кобилица и скијавме/бордавме по нејзиниот јужен грб во најголем занес, се до нивите и полињата и на крај до самото село Вејце. Изодевме турно и се спуштивме во најмистичните предели на Горна Лешница пресретнати од трагите на далеку по-префинетата од нас мечка, која со своите огромни шепи си направила траверс линија каква најстручен турно скијач не би ни замислил. Повеќе-пати одевме турно и до она што го нарекуваме Антени, врвот после таа Пулшар точка на Шарскиот масив наречена Церипашина. Имавме глетки кои забрзуваа пулс, одзимаа здив, зајдисонца кои беа на работ на солзата, снег кој прсакаше, но и варираше од пудрест во брашнест, од лебдеечко лесен, во неверојатно захтевен и комплексен. 

На Кобилица бевме на 15ти Февруари кога се роди Бела, малата принцеза на Александар и Елена. Одењето турно нагоре беше комплексно, по замрзнат, брановиден терен од селото Веице, со прекрасни луѓе од кои го купивме најубавиот мед направен на 1400 м, и уште послаткиот компир кој дено-ноќно се печеше во рерната на Метахаус на Шапка. На Лешница бевме на 14ти февруари со пријателот Лука од Словенија кој ја најде можеби најубата линија сезонава. Возевме и до Шипковица со прекрасните пријатели од Словенија Урбан Новак и Моника Планиц по разигран терен, низ тесни шуми и преку потоци.

Со Мето и нашиот побратим по турно Тони Зен направивме неколку прекрасни тури До Антени и низ кулоарите на Казани. Снимивме и измонтиравме и мало видео за нас, Snowflake Guerilla. И така... Оставам да ве водат сликите и видеата, низ магијата на најинтимната форма на конверзација меѓу снежната планина и вас... фри рајдот...
Видеата може да се видат на:
https://www.youtube.com/watch?v=LmV3G6YSuQY
https://www.youtube.com/watch?v=r6-X3CtHpEQ



На почеток на јануари, турно во потрага...

на враќање од прекрасна тура на почеток на јануари


снег во изобилие, но скриен во каналите

На Горна Лешница, сон... 


Восклик на Горна Лешница



Мечката... 

Турно кон Лешница

Методи и Екалабија назад по патеката на сонот од Горна Лешница

Уште едно спуштање на север со пријателот од Словенија, Лука

Малце авантура и скок на северните падини

Вушшшш...

Со Мето и Михаела, наша драга фри рајд пријателка од Романија

Почеток на турното кон Кобилица

Се збутавме во кола... Лука и Лука и јас и одиме Кобилицааааа


Мето кон врвот на Кобилица


Неописива убавина во спуштањето низ Кобилица


Кобилица како во сон


На Врвот Кобилица, 2525мнв, 15 Феб, 2015. 


Со пријателите од Швајцарија, Џес и Мајк, погед кон недогед


Со Тони Зен, Илина и Горјан за 2и Април

Медитација

Линија






                                                                   Априлски линии

No comments:

Post a Comment