Search This Blog

Tuesday, July 1, 2014

Бугарија, Маљовица - Мистичен вознес низ класиката

Долга песочна плажа, кајт сурфери, ветер, ладно, бело вино и бескрајно отворениот Јадран ми се распослани пред очите. Сонцето ја суши морската вода од мене, оставајќи солени траги по рамењата. Опуштени, бексрајно опуштени три дена на море. Па сепак, желбата за качување тлее во некои скриени фолдери на мојот ум. Му пишав мејл на Зоран Мајсторски од Радовиш за да веднаш потоа добијам одговор дека и тој размислувал за некаква заедничка акција, овој пат на Маљовица, Бугарија.  Совршено, си велам, и веднаш му потврдувам дека сме за, се уште во таа опуштена трилогија на вино, море, сонце. И така бидна. Се договоривме со Зоки дека тргнуваме на Маљовица во петок на 27ми јуни, тој и Јове од АК Плоча, Мето и јас од АК 8. Набрзо потоа добив уште еден мејл каде Зоки ме прашува ќе има ли место во колата за уште едно „дете“. Си помислив, ајде ок, ќе се стиснеме 5 луѓе некако, но детето навистина беше 12 годишно дете, Стефан ака Кице, херојот на нашето патешествие. 

На Маљовица сум била многу одамна, некаде 2000та година, бидејќи таа година интензивно планинарев по Балканските планини, од Шарските бесконечни врвови, преку боговскиот Олимп, до највисоката балканска Мусала, низ седумте рилски езера, стрмната Каменица и секако Маљовица. Но, никогаш таму не сум качувала. Знаејќи дека одиме со Зоки, бев свесна дека ќе биде некој многу сериозен потфат. И така и би. Од Зоки добив листа на насоки и останав вџашена од разновидието но и од грандиозноста на карпите особено на северната карпа на Маљовица кон која стремевме. И еве ваква си скролав низ компјутерот пред да тргнеме. 


Северо-источната карпа Маљовица од која се излегува на врвот од 2729мнв. Безброј насоки, тешко да се одлучиме каде. Ја одбравме 12ка - Класически, искачена првпат далечната 1938 од Константин Саваджиев и Георги Стоименов

Тргнавме на 27ми јуни, петок од Скопје со Мето околу 2 часот, а Зоки, Јове и Кице ги собравме од клучката кај Штип околу 3 часот и продолживме кон Македонска Каменица, Делчево па се до малиот граничен премин кон Станке Лисичково. Во Бугарија возевме низ Дупница, Самоков, се до паркингот на она што тие го нарекуваат ПСЖ - планинска спасителна служба Маљовица, каде исто така се наоѓа и истоимениот ски центар. Стигнавме некаде околу 7 часот навечер, веќе 8 по бугарско време. Ги впрегнавме тешките ранци и тргнавме низ прекрасната шума кон домот Маљовица. 

Патот до домот трае околу 45 минути. Се движите низ прекрасна шума, со многу вода која блика на секој чекор. Планинарскиот дом Маљовица е во одлична состојба а спиењето со вреќа, чини окоу 6 евра. Шатори може да се постават во непосредна близина. 
Вода насекаде... 

Мистично дочекани од карпата Куклата, во непосредна близина на Домот

Во домот стигнавме околу 8/9 часот навечер, зависно од временската зоната. Испивме по едно Пиринско пиво со Мето, се договоривме со Зоки дека утре одиме на северната карпа на Маљовица и си легнавме. Станавме рано, околу 6 часот наутро и се подготвивме. Се договоривме дека ќе ја одиме насоката Класкически, Мето и јас, голема линија од 8 јажиња, околу 300 и нешто метри должина, стартот на околу 2400 мнв, првпат на планиска карпа во услови какви до сега не сум искусила. Пристапот до карпата трае околу час и половина, прво по тежок стрмен терен познат како заечка патека, која ја забиколува импресивната карпа Куклата, веднаш до домот, инаку исто полна со спортски но и долги насоки со оценки 8, 9 со лепени клинови. По излегувањето на седлото, патеката стивнува во тежина но трае. Сепак импресивните глетки и грандиозноста на титанот ве хипнотизираат низ некоја комбинација на блага опиеност од убавината и стравопочит која пулсира се посилно со секој чекор со кој се доближувате до карпата. Нашата насока имаше снег во основата и не беше лесно да се стигне до подножјето кое самото беше отцепено од снегот, а помеѓу карпата и снегот голема процеп со висина од околу метар ипол. 

Стрмните секции во пристапот со чести снежни пасажи

Зоки во стрмните секции на заечката патека која проаѓа покрај Куклата

Излез на седлото од каде почнува полесно движење до карпата


Поглед од седлото, по излезот од заечката патека, во подножјето на титанот

Специфичниот пристап до стартот од насоката, низ снежен пасаж

Мето го проби патот низ снежниот дел по што дојдов јас и донесов дел од опремата. Се поздравивме со Зоки кој тргна полево од нас, на Синева. Специфичноста на првиот дел обвиен во снег не дозволуваше да се стои згодно ниту да се постави некаде јажето. Се обидов да го ставам на страна од снегот, но не беше лесно. Наместо јажето, се потрпев себе си на снегот и набрзо потоа осетив дека сета облека ми е мокра. Сонцето кое првично ја облеваше карпата сега веќе вртеше околу и сосем логично, бидејќи ова е северната страна. Мето тргна прв, по лесен терен, па сепак воопшто не лесен, бидејќи снегот се уште се топеше, клинови едвај да имаше а карпата беше лизгава. Стигна до дупката на првото јаже, каде уште вода течеше низ карпата. Страшно си помислив, што ако е вакава цела насока. 

Второт јаже го продолжив јас, а тоа оди по голем траверс кон лево, повторно по влажни секции, по што се стигнува на голема полица со сидриште. Од тука почнува една од најимпресивните должини по гранит, добро оклинчена со алпинистички клинови, но не премногу фреквентни. Полужлебно, полуплочесто качување, со неверојатно константен интензитет. Во описот пишуваше дека должината треба да е 40 метри и така и теравме. Мето направи сидриште по одличното, течно, концентирано водење. Стигнав јас, возбудена од интензитетот на линијата, од цврстината на карпата во должината и од фантастичните движења низ пукнатини, плочи, жлебови. И тука настана мала забуна. Она што според скицата мислевме дека е 4 јаже, всушност во случајот се чини дека беше 5то. Имено, должината од 40 м очигледно требала да се одбележи како должина од 2 јажиња од по 20 или можеби 35 и 30, но ние некако се фокусиравме на тоа дека мора да е 40м. Така, според реконструкцијата на работите подоцна, веројатно сме споиле две должини во една, поради што визурата што ја имавме за насоката со она на скицата ни се помеша.

Се издигнав низ неколку тешки движења по ронлив а потоа тревен терен, каде едвај, во специфичен премин кон лево најдов еден клин и излегов на трева каде најдов сидриште. Го собрав Мето до мене и застанавме. Упорно гледавме во дел од описот кој требаше да врти на десно, но всушност веќе сме биле во делот кој треба да траверсира силно кон лево околу еден голем превис под кој, како што разбравме, првите качувачи на класичната насока, бивакувале. 

Мето тргна веднаш нагоре, немаше ништо и едвај се врати, тргна кон десно во плочи и страшен терен и едвај се врати, тргна кон лево каде што виде само еден клин и едвај се врати. Времето се затвори. Тотална магла, само оние делови карпа пред нас директно се гледаа. Неколкуте планинари кои ги гледавме долу веќе одамна ги немаше, маглата се движеше споро и тивко, тишина на сите страни, а со Зоки загубен контактот. Се обидов да го викнам но немаше одговор. Страшно... Почна многу да ми студи, се облеков со монтка, нагрнав се што имав на мене. Сами тука, на полицата на 2500 м, снег под нас длабоко во основата и студ. Почнавме да размислуваме за абезлување, но имавме само едно јаже, а се уште несвесни дека сме споиле две должини во една, не знаевме како би ја спуштиле должината од 40 метри со едно 70 метарско јаже со оглед на тоа што немаше лепени клинови. Рековме, ок ќе оставиме опрема, што и да треба но ајде уште еден обид барем да направиме. Мето му се јави на нашиот добар пријател качувач од Бугарија Кирца, кој доаѓаше накај Маљовица. Разговор траеше неполн минута, но Кирца разбра каде сме и на која секција имаме проблем. Се прекина врската. Чудо беше што воопшто имаше мрежа. Ни стигна порака, на големиот превис, траверс во лево. Клучна за нас во тој миг. 

Мето тргна, и наеднаш карпата како да му се насмевна со куп клинови кои се распослаа од таа насмевка. Добро, е, знаевме дека е тоа линијата и тргнавме. Голема траверса, многу експонирана со специфичен излез. Апсолутно психолошки моќна, особено што во првите чекори околу превисот повторно вода и мокра карпа. Мето ја водеше одлично и стигна до наредното сидриште. Продолживме понатаму по дијагонала, две должини тој и јас. Најдов сидриште од лепени клинови и го слушнав Зоки одозгора. Тоа е тоа, знаевме дека сме ја нашле линијата и дека сме на добра патека, само фалеше уште една должина низ камините и излез на врвот. Влегов во каминот. Тотален трад. Должината од 40 м, едвај да имаше два клина. Имав опција да излезам од каминот, но некако не ми одеше од рака и му се вратив. Неколку напорни движења, бидејќи во мигот кога сакав да се издигнам се заглавував со ранецот и опремата,  под мене два френда за кои длабоко се надевав дека добро сум ги поставила. Мето потврди подоцна, бидејќи се намачил со вадење особено на едниот од нив. Прекрасна линија која стига повторно до превис кој треба да се заобиколи. Ми беше страв но пак го слушнав Зоки како ме охрабри и рече, ајде Маич, уште ова и надвор си. Се движев полека, внимателно и излегов после неколку движења на тревата каде чекаа Зоки, Јове и Кице. Каква насмевка ме облеа... Благодарам Маљовица, си помислив во себе и го повикав Мето да тргне. Излеговме. Треперев од возбуда, Се прегрнавме, се сликавме, бевме вџашени од глетките, од бескрајот, од езерата, карпите, маглата која почна да се трга, Рилскиот манастир кој се распола под нас... аххх какви глетки, какот трепет... 

И секако изненадување, излез на врвот Маљовица, 2729 мнв, а потоа три часа отстап по незгодни тераси со камени блокови, а на нас тешките ранци... Силината на возбудата од искуството беше огромна и отстапот иако тежок, го поминавме без поголеми зстанувања. По едно големо Пиринско пиво и бескрај емоции. Утредента качувавме на Куклата, спортски насоки, а Зоки со децата качи ѕверска насока Класическа, оценка 7, Јове ја водеше. Браво за нив! Потоа назад по патот, и пак до клучката кај Штип каде се поздравивме и разделивме.

Бескрајна благодарност до Зоки за иницијативата и поддршката, до Кире за смс-от кој не насочи во вистински правец, до Мето кој неверојатно концентирано водеше и смирено расудуваше во најтешките мигови, а над се до карпата, до нејзината енергија и решеност да не прими и пушти и секако до глетките кои пленеа и ја полнеа душата со мелем... Од малата птица со црвени крилја на третото јаже, до дивокозите кои дозволија да ги сликаме и двата зајци кои претерчаа низ снегот. 

Мето во третото јаже, една од најимрепсивните должини



Во големиот траверс околу превисот, клучното вртење во лево за да се продолжи по насоката

 Јас на сидриште на втората должина

Мистичните глетки од врвот

Мето во последните движења од каминот, пред сам крај на насоката...


На излезот од каминот и од самата насока, на самиот врв

Езерата, снегот, планините, падините

Глетки во недоглед...


На врвот


Храбрите Јове и Кице

Ни излезот до самиот врв од Маљовица после излезот од карпата не е така едноставен

Пиво за наздравје

Утредента, качување по спортските насоки во близина на домот

Ова беше приближно нашата линија на движење по јажиња



Ете така.... мистично, вознесно, моќно, страшно, прекрасно...

  




5 comments:

  1. Replies
    1. Blagodaram Kire, i sekako uste ednas golema blagodarnost sto ne nasochi vo vistinski pravec vo kriticniot moment :) Bez tebe nisto :)

      Delete
  2. Многу хубаво х2 :))))
    Браво за качувањето, тоа е тоа, малку губење на голема карпа па размислување што да се прави, носење одлуки.. :)
    Прашање: А зашто немавте биколори како што спомнуваш во текстот со кои ќе ви беше се поедноставно? :p

    ReplyDelete
    Replies
    1. pa nema potreba od bikolor, se konsultiravme so zoki, bikolori se top ama znaes i poveke vreme trae sobiranjeto na dve jazinja a nasokata ne e so repeli nadole tuku izleguva posle na normalna pateka, No da, sekako ne se znae nikogas kako ke se odvivaat rabotite i dali ke treba repel pa bikolori se dobredojdeni.

      Ke nemase problem da se abzeluva i so 70kata, kako sto spomnav, bidejki dolzinata od navodni 40 metri bese sekako pokratka no nas vo vizija vo glava ni ostana deka e 40m radi skicata, No posle se setivme i dvajcata deka imase sidriste na sred taa dolzina znaci abzel so 70ka nemase da bide problem.

      Kako i da e, ako aludiras na toa zosto ne gi zemavme bikolorite od vas i se nudis, ke gi zememe sekako :) I konecno da napomna, da gi imavme bikolorite mozebi nemase da se mislime i vednas ke abzeluvavme, a vaka malce stisnavme zabi (da ne recam gz) pa isteravme, sekako so poddrska na karpata i smsot na Kire :)

      Delete
    2. Јас мислам секако ќе сте стиснале заби и ќе продолжевте..

      Delete